четврток, јули 9, 2026
Дома СВЕТ Лидерите на НАТО си заминаа од Анкара со персонализиран пиштол и со...

Лидерите на НАТО си заминаа од Анкара со персонализиран пиштол и со муниција, подарок од Ердоган

0

Пиштоли на кои е гравирано нивното име и кутија со боева муниција пријавија дека добиле премиерот на Канада Марк Карни, британскиот премиер во заминување Кир Стармер, германскиот канцелар Фрифдрих Мерц, челниците на Европската Унија, а, според повеќе медиуми, идентичен подарок добиле сите лидери на членките на НАТО што присуствувале на самитот. Дел од лидерите изјавија дека ќе биде деактивиран пиштолот, а потоа дониран или вклучен во официјалните подароци. Со пиштолите, Ердоган поделил и документ со кој Турција се откажува од извозната контрола. Лидерите од НАТО си заминаа од Анкара и со книга за политичкиот подем на Ердоган со луксузни корици, како и со персонализирано пенкало и дневник со своите имиња

 

 

Лидерите на државите што присуствуваа на самитот на НАТО во Анкара на заминување добија необичен подарок од турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. На сите тој им даде по еден пиштол на кој е гравирано нивното име, сет за негово чистење и кутија со боева муниција. Пиштолите револвери се од турско производство, марка „сарсилмаз СР 38“. Премиерот на Канада Марк Карни, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фрифдрих Мерц, челниците на Европската Унија пријавија дека добиле такви персонализирани пиштоли, а, според повеќе медиуми, идентичен подарок добиле сите лидери на членките на НАТО што присуствувале на самитот.

Канадските медиуми објавија дека Ердоган му подарил на премиерот на Канада, Марк Карни, перонализиран пиштол и муниција, при заминувањето од самитот на НАТО во Анкара, во средата. Канцеларијата на премиерот потврди дека сите лидери на НАТО го добиле необичниот подарок од Ердоган. Одделот за глобални прашања на Канада изјави во соопштение до новинарите што патуваа со Карни дека ѝ е предаден пиштолот на Националната полициска служба на Канада – РЦМП.

– Подарокот за кој прашувате, им е даден на сите лидери на НАТО и е префрлен во посед на полицијата за деактивирање. Муницијата остана во Турција. Сите официјални подароци се обработуваат во согласност со важечките канадски закони, безбедносните барања и владините политики – се вели во соопштението.

Висок владин извор, зборувајќи за подарокот, рече дека пиштолот на крајот би можел да биде дониран.

– Следејќи ги упатствата од канадските власти, Владата ќе бара соодветно место за подарокот, вклучувајќи и музеј – вели тој.

Портпаролот на германската Влада изјави за ДПА дека револверот на Мерц ѝ бил предаден на германската амбасада, со цел да се спроведе постапката за легален увоз, за потоа да биде вклучен во официјалните подароци.

Британскиот премиер во заминување, Кир Стармер, им изјави на новинарите во текот на летот кон дома дека Ердоган им дал на сите лидери на самитот ист подарок, оружје гравирано со името на примателот, објавија „Гардијан“ и „Прес асошиејшн“. Стармер рече дека морал да го остави својот подарок во Турција за да го онеспособат, иако Ердоган приложил документ со кој се откажува од ограничувањето за извоз на оружје. Со увоз на оружјето, всушност, би се прекршиле строгите закони за огнено оружје во Велика Британија.

Слична изјава даде и холандскиот премиер, Роб Јетен. Тој рече дека го оставил својот пиштол во Турција за да биде деактивиран, пред да биде донесен дома.

Ни лидерите на ЕУ не се вратија дома од Анкара со празни раце. Ердоган им подарил гравирано огнено оружје, куршуми и комплет за чистење и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, потврдија двајца претставници на ЕУ за „Политико“. Официјален претставник на Европскиот совет додаде дека безбедносниот тим на Кошта го однел оружјето на проверка.

– Ќе ги следиме белгиските процедури за да го донесеме во Белгија, а потоа ќе го складираме во согласност со безбедносните барања наметнати од Генералниот секретаријат на Советот – вели претставникот на Европскиот совет за „Политико“.

Портпаролот на Урсула фон дер Лајен изјавил дека претседателката му се заблагодарила на претседателот Ердоган за овој гест, а огненото оружје ќе биде безбедно транспортирано и складирано. Откако ќе биде деактивирано, намерата на претседателката е да го донира на воен музеј.

– Сепак, врвните церемонијални пиштоли, веројатно, ќе се судрат со строгите ограничувања за вредноста на подароците и, веројатно, нема да бидат чувани лично од примателите – вели претставникот на Европскиот совет.

Според фотографија што ја објави „Ројтерс“, покажувајќи го подарокот на белгискиот премиер Барт де Вевер, пиштолот е спакуван во луксузна кутија, во која е и писмото со кое Турција се откажува од извозната контрола на оружјето, документ со кој можат да го изнесат од земјата.

Канцеларијата на турскиот претседател сè уште не одговорила на барањето на ДПА за оружјата дадени како подарок. Но, според неколку меѓународни медиуми, пиштолите не биле единствениот подарок од Ердоган. Тој ги дарувал учесниците на самитот и со книга за својот политички подем со луксузни корици, како и со персонализирано пенкало и дневник со нивните имиња.

Дводневниот самит на НАТО во Анкара беше посветен на зајакнувањето на колективната одбрана, зголемувањето на воените средства, континуираната поддршка за Украина, развојот на одбранбената индустрија и безбедносните предизвици од Блискиот Исток и евроатлантската област.

ИЗДВОЕНИ