понеделник, јуни 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обвинителството: Траума и страв ја довеле Ивана до одлуката да ја земе...

Обвинителството: Траума и страв ја довеле Ивана до одлуката да ја земе во смрт Катја

Пресудата за Стојанче Јовановски ќе биде соопштена на 7 мај

837

Во судницата во Кривичниот суд, обвинителката Адела Бојчевиќ го кажа завршниот збор со барање максимална казна за обвинетиот Стојанче Јовановски, оценувајќи дека зад предметот не стојат само правни квалификации, туку „два изгубени животи и години страв, контрола и насилство“.

Додека ги образложуваше доказите, Бојчевиќ се навраќаше на исказите и на снимките изведени во текот на постапката, кои, како што рече, ја прикажуваат постепената изолација и психолошко рушење на Ивана Јовановска. Таа посочи дека насилството не било инцидент, туку континуитет што ја довел до состојба на безизлезност, кулминирајќи на 2 март, кога таа го одзеде својот живот, а со себе ја зеде и шестгодишната ќерка, Катја. Во еден од потешките моменти од завршниот збор, обвинителката се осврна на положбата на детето, потсетувајќи на сведочењата дека Катја била сведок на насилството.

„Го слушавме стравот и беспомошноста на жртвата. Ивана пријавувала, мајката на Ивана, па и мајката на Стојанче, а на таа снимка се слуша Катја како вреска „Ќе ја убие мама, и мене ме удри“. Овие пријави покажуваат континуитет на физичко насилство, психичко малтретирање и контрола. Се слуша „Ниту Катја ќе ја видиш, ќе ти го уништам животот“. Ова не се изјави на лице кое дејствува во афект, туку на лице кое свесно врши сурово насилство – рече обвинителката.

Повикувајќи се на вештачењата, Бојчевиќ нагласи дека Ивана не дејствувала од слободна волја, туку во состојба на акутна психолошка криза, со стеснета перцепција и чувство дека нема излез. Одлуката поврзана со детето, додаде, произлегува од длабоко нарушена, но мајчинска перцепција за заштита, создадена во услови на долготрајна траума.

„Критичниот ден не донела слободна и автономна одлука, туку била во психолошки колапс, а перцепцијата ѝ се стеснила на една единствена опција, прекин на состојбата. Одлуката за ќерката не е поради недостиг на љубов кон ќерката, туку поради долготрајната траума. Чувството дека детето е заштитено ако е со неа, а дека е во непосредна опасност, и единствениот начин да го заштити е да го задржи со себе. Ова се јавува кај жртви со хронично насилство. Верувала дека Катја ќе биде малтретирана и незаштитена со Стојанче и единствено ќе биде заштитена ако ја земе со себе. „Ако јас не можам да ја заштитам, никој нема“ – тоа ѝ била патолошката логика. Одлуката за самоубиство не била според нејзината слободна волја, туку како резултат на очај и безизлезност – рече обвинителката Бојчевиќ.

Обвинителката нагласи дека обвинетиот бил свесен за своите постапки и дека насилството било резултат на неговите карактеристики на личноста, а не на психичко заболување. Според неа, заканите, контролата и економската зависност создавале постојан притисок врз жртвата, кој на крајот резултирал со трагичниот исход.

„Неговите карактеристики се љубомора, посесивност, контрола, манипулативност. Го минимизирал насилството со зборовите „шамари не се тепање“. Бил склон да ја извртува вистината, а вината за своето однесување да ја префрла кон други, го опиша обвинетиот во завршниот збор.

Завршувајќи, Бојчевиќ побара Судот да изрече максимални казни за трите кривични дела, нагласувајќи дека таквата одлука не е само прашање на одговорност туку и порака дека насилството не смее да се толерира – затоа што, како што рече, „последиците понекогаш се неповратни“.

„Не само поради Ивана и Катја, туку и за да се испрати порака дека психичкото и физичкото насилство може да доведе до тешки последици и не смее да се толерира – заклучи обвинителката Бојчевиќ.

Во завршницата на судењето, одбраната на Стојанче Јовановски побара ослободителна пресуда за најтешкото дело – наведување и помагање во самоубиство, оценувајќи дека Обвинителството не успеало да ја докаже клучната причинско-последична врска.

Обвинетиот Јовановски зборуваше видно вознемирен, барајќи од Судот внимателно да ги цени исказите на сведоците, за кои тврдеше дека се контрадикторни и пристрасни. Тој негираше дека ја довел сопругата во подредена положба или дека со свои постапки придонел за трагедијата.

„Не сум ја поттикнувал, ниту сум можел да го предвидам ова. Моето дете е убиено, без никаква шанса да одлучува – рече Јовановски, по што заплака во судницата. Тој тврдеше дека дел од повредите кај Ивана не потекнуваат од него и дека на критичниот ден немал намера да ѝ наштети, додавајќи дека трагедијата не е резултат на негово однесување. На крајот, рече дека „би дал сѐ за да може да ги врати сопругата и детето“, нагласувајќи дека материјалното за него веќе нема значење.

Адвокатот Митко Солаков кратко додаде дека Судот треба да одлучува независно од притисокот на јавноста, оценувајќи дека иако постојат докази за одредени аспекти на насилство, причините за трагичниот исход се покомплексни. Судијата Ивица Стефановски ја закажа пресудата за 7 мај. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ