Нов македонски хит, со „мирис на тутунот“! Деновиве се роди една нова преубава серенада за градот Прилеп. Инспирирана токму од ова живописно место под Марковите Кули. Велат, со „мирисот на тутунот“, но со топлина со која зрачат прекрасните прилепчани, а уште повеќе згодните прилепчанки… Создадена со срце и душа, серенадата е испеана од нашата драга музичка легенда и прилепската душа, големата прилепчанка, легендарната Блага Петреска. Но, Блага не ја пее серенадата сама, туку е во ексклузивно друштво составено од музичкото дуо Александар Митевски и Драган Спасов-Дац. Песната е создадена како омаж на градот, неговата историја и луѓето, доловувајќи го оној препознатлив дух на Прилеп – тивок, но силен, искрен и длабоко вкоренет во македонската традиција.
Снимањето на спотот за серенадата деновиве ќе се реализира на повеќе препознатливи локации низ градот, додека централниот дел од атмосферата сликовито ќе се пренесе од Прилепската чаршија. Во чаршијата, пејачите и авторите ќе си подадат раце, ќе споделат насмевки со „чашка“ убави искрени зборови. Серенадата, освен што на самиот старт е хит во најава, ветува дека ќе разбуди емоции кај публиката и ќе остави убави трајни спомени.
(Д. М.)












