петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обвинителката за правната квалификација на смртта на Катја ќе се изјасни во...

Обвинителката за правната квалификација на смртта на Катја ќе се изјасни во завршниот збор

1440

Обвинителството заврши со презентирање на доказите против Стојанче Јовановски обвинет за тешкото семејно насилство кое доведе до самоубиство на Ивана Јовановска.

Обвинителката го кажа во судницата заклучокот од вештиот наод и мислењето на психолог и психијатар како вешти лица, кои утврдиле јасна и директна причинско-последична врска меѓу долготрајното семејно насилство на Стојанче Јовановски и психичката состојба на сега починатата Ивана.

На една од паузите, весникот ВЕЧЕР ја праша обвинителката Бојчевиќ како ги коментира повиците на дел од правните експерти за правна квалификација на смртта на шестгодишната Катја.

„Не сум ги прочитала коментарите на социјалните мрежи, ќе се изјаснам за тоа прашање во завршниот збор. Има психијатриско вештачење, кое утврдува каква била состојбата на жртвата пред чинот, ќе слушнете во завршен“, вели обвинителката.

На следното рочиште закажано за петок, исказ ќе даде обвинетиот Стојанче Јовановски, кој, според неговите реакции во судницата, остава впечаток дека најважно му е да се расчисти дали дрогата пронајдена во багажникот од неговиот автомобил е подметната од мртвата жена и од сведокот Саздов. Тој се изјасни за виновен за тепање и загрозување на сигурноста, но не и за поттикнување на сопругата на самоубиство. Каење за трагедијата, која уште ја згрозува јавноста со деталите од судењето, Стојанче засега јавно не изразил.

Обвинителката на денешното рочиште ги читаше доказите. Од нотарот, солемизација на договор за дар на станот. Во обвинението стои дека Стојанче ја присилил да му го подари својот дел од станот, а братот на Ивана кажа во судницата дека семејството се сомнева оти ѝ го лажирал потписот. Доказ е и бракоразводната постапка водена во Центарот за социјални работи. Отпусното писмо од Клиниката за дигестивна хирургија, каде што била хоспитализирана пред неколку месеци. Мајката на Ивана, Љубица Стојановска, сведочеше дека докторите се сомневале на внатрешен хематом, добиен од удари. Таму, на Клиниката, Стојанче ја турнал Ивана по скалите. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ