Екипата на Фенербахче, која ја брани европската титула оваа сезона, ја продолжи соработката со Евролигата. Клубот од Истанбул потпиша нов договор со кој се обврзува да учествува на ова натпреварување во следните десет години.
Барселона беше првиот клуб што го стори тоа по најавата за можно доаѓање на НБА во Европа, уште на средината од јануари. По тоа, фокусот беше на Фенербахче и на Реал Мадрид – турскиот клуб ја одложи одлуката поради внатрешни проблеми во раководството, додека односот меѓу Флорентино Перез и Евролигата е неизвесен веќе некое време.
Според грчкиот портал „Јурохапс“, актуелниот шампион на Евролигата веќе започнал процес за продолжување на соработката, а конечната потврда на договорот се очекува на следниот состанок на Управниот одбор на Евролигата.
Во текстот се наведува дека е донесена одлуката на состанок на кој е потврдено дека Евролигата ќе го задржи истиот формат на натпреварување и следната сезона. Ова подразбира лига со 20 екипи, 38 кола од регуларниот дел, шест директни места во плејофот и уште четири места преку плејинот, моделирана според НБА-системот.











