Осумнаесетгодишен тинејџер од Делчево пронашол 114.000 денари и 2.000 евра, покрај личните документи, и ги пријавил во полиција, соопшти МВР.
На 24.10.2026 година, во 14:00 часот, во Полициската станица Делчево, 18-годишен жител на Делчево предал пронајдени лични документи и парични средства во износ од 114.000 денари и околу 2.000 евра.
Имено, младиот делчевец на булеварот „Македонија“ во Делчево пронашол патна исправа и лична карта на лице од Делчево, како и наведените парични средства, по што совесно постапил и истите ги предал во полициската станица“, информира полицијата.
Министерството за внатрешни работи ја поздравува оваа постапка, која претставува позитивен пример за чесност, совесност и високо развиена граѓанска одговорност, особено кај младите.
Ваквите постапки заслужуваат јавно признание и претставуваат поттик за негување на општествените вредности, меѓусебната доверба и одговорното однесување во заедницата.












