среда, август 5, 2026
Дома КУЛТУРА Објавена поетската книга „Далечни вистини“ на Ениса Мирто

Објавена поетската книга „Далечни вистини“ на Ениса Мирто

8

„Македоника литера“ неодамна ја објави дебитантската поетска книга „Далечни вистини“ на Ениса Мирто.

Ениса Мирто (1987, Скудриње) е родена во Македонија, а живее во Тревизо, Италија. Растејќи во прекрасните рекански рустикални предели, уште од најрана возраст ги впива вредностите на семејството, трудољубивоста и почитта кон културното наследство. Нејзиното лирско творештво е одраз на нејзиниот животен пат кој е спој на традицијата и современото, на роднокрајните корени и традиции и влијанијата на историските и цивилизациските белези на средината во која живее. Таа е поет со творечки идентитет обликуван од преплетот на различните култури, јазици и предели што ги носи во себе. Преку своите стихови ги поврзува своите балкански корени со италијанскиот културен простор, создавајќи лирски мостови меѓу минатото, сегашноста и вечноста. Нејзината поезија е длабоко интимна, духовна и метафизичка, свртена кон преиспитување на човековото постоење, тишината, медитацијата и моќта на зборот, поставувајќи си го, уште од детството, основното егзистенцијално прашање: кои сме, каде сме, зошто сме тука, која ни е целта и од каде извираат човековата болка и страдање.

-Поезија на Ениса Мирто е исповедна и интимистичка, со длабок исповеден тон, со лирска и мисловна длабочина, наместа меланхолична и силно емотивна. Зафаќа егзистенцијални теми, како лични, така и општочовечки, во прв план ја посочува човечноста кај себе, но и кај другите, со отворена емпатија спрема другите, со споделени чувства и сочувствувања. Засегнува основни суштински аспекти од сопственото опкружување и во песните провејува почитта кон човековите вредности и доблести. Со еден збор, тоа е поезија со длабок и силен лирски сензибилитет, посочува издавачот.

ИЗДВОЕНИ