четврток, ноември 5, 2026
Дома КУЛТУРА Премиера на македонскиот кандидат за Оскар „17“ на 26. Скопски филмски фестивал/ФОТОГАЛЕРИЈА

Премиера на македонскиот кандидат за Оскар „17“ на 26. Скопски филмски фестивал/ФОТОГАЛЕРИЈА

19
Фото: П. Стојановски

Во рамките на програмата на 26. Скопски филмски фестивал, вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ), скопската публика има можност премиерно да го погледне остварувањето „17“ на Косара Митиќ, македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата за Најдобар меѓународен игран филм.

Ова е долгометражно играно деби на режисерката Митиќ, која со својот прв филм донесува свеж, автентичен и храбар авторски глас во домашната кинематографија. Филмот ја третира темата за сексуалното насилство кај адолесцентите, молкот, општествената апатија и системските пропусти. Претставува суптилен и емотивно суров увид во созревањето, личните борби и предизвиците на новата генерација, отворајќи прашања за идентитетот, слободата и себепронаоѓањето. Тој е инспириран од вистински настан, и ја следи Сара, која се обидува да ја скрие својата бременост од своите соученици во текот на својата матурска екскурзија.

Режисерката Митиќ го потпишува сценарио заедно со хрватскиот режисер и сценарист, Огњен Свиличиќ. Продуцентот Томи Салковски, а главни протагонисти се Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Петар Маниќ, Ана Стојановска. Другите улоги во филмот ги толкуваат: Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски. Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски. Филмот „17“, во продукција на „Црна мачка“, е македонско-српско-словенечка копродукција.

Како што е познато, филмот ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим, а својата светска премиера ја имаше во рамките на селекцијата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал.

„Скопје Филм Фестивал го заслужи најдоброто – бисерот на поновата македонска кинематографија. Скопје отсекогаш имало пребирлива и страсна филмска публика, па одржувањето на вечерашната премиера е од суштинско значење за културниот пулс на градот. Овој настан испраќа силна порака дека македонската филмска сцена има вкус, капацитет, визија и светски квалитет, факт кој до сега го покажа филмот “17“ со учествата на огромен број филмски фестивали, бројните освоени награди и признанија и секако, националната кандидатура за Оскар“, изјави Членот на Советот на СФФ и куратор на фестивалот, Ники Никитин.

Покрај проекцијата на филмот, публиката на фестивалот ќе има можност да се сретне со дел од авторската и актерската екипа зад „17“, кои ќе споделат детали од процесот на создавање на филмот што ја претставува македонската кинематографија во трката за најпрестижното филмско признание.

Од 6 ноември, остварувањето ќе може да се види и на редовниот репертоар во „Синеплекс“ во Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ