Со доделувањето на наградите и со проекцијата на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски заврши седмото издание на „Галичник филм фестивал“. Гран-при освои либанскиот филм „Што ако бомбардираат овде вечерва“, а за најдобар игран краткометражен филм е прогласен кинескиот „Жигосување“.

Во текот на четирите фестивалски дена, Галичник беше домаќин на филмски автори, гости и љубители на филмот од земјава и од странство, кои имаа можност да проследат богата селекција на краткометражни филмови, мастерклас, разговори со автори и придружни фестивалски настани.

Наградата за најдобар документарен краткометражен филм ја доби „Кобила-авион“ (Белгија, Швајцарија), а за најдобар анимиран краткометражен филм – „Живот кучешки“ (Унгарија).

На затворањето на фестивалот се доделени и наградите за најдобра актерка, најдобар актер и за најдобар режисер. Овие признанија отидоа во рацете на Јана Никодиновска за улогата во „Мала шега“ (Македонија), Миливој Мики Рош за улогата во „Ветер во грб“ и Рабија Озмен за филмот „Процедура“, Турција.

Наградите за сценографија и за кинематографија отидоа во рацете на Игор Христов за филмот „Сопри ја колата“, Бугарија, и за филмот „Нилски коњ“, Кина.

Исто така беа доделени и наградите „Audience Award“ за „Сопри ја колата“, Бугарија, и „Special Mentions“ за „Сакав да ти го слушнам гласот“, Соединети Американски Држави.

За најдобрите филмски остварувања одлучуваше стручното жири составено од Вардан Тозија, Наташа Петровиќ и Ивана Шекиткоска.

Преку внимателно селектирана програма, фестивалот донесе филмови од повеќе земји, создавајќи простор за културна размена, нови авторски гласови и за непосредна комуникација меѓу филмските професионалци и публиката.

ИЗДВОЕНИ