петок, јуни 12, 2026
Дома СВЕТ Њујорк Тајмс: САД планираат драстично да ги намалат воените сили за операциите...

Њујорк Тајмс: САД планираат драстично да ги намалат воените сили за операциите на НАТО во Европа

11

САД планираат значително да го намалат бројот на авиони и воени бродови што ги ставаат на располагање за операциите на НАТО во Европа, објави денеска „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на двајца високи европски претставници.

Одлуката би ја ограничила способноста на НАТО да изведува напади со долг дострел и да спроведува извидување, се вели во извештајот.

Планот на САД вклучува намалување на бројот на борбени авиони Ф-16 и Ф-15Е од околу 150 на 100, како и намалување на авионите за поморско извидување од 26 на 15, како и отстранување на сите осум авиони за воздушно полнење гориво што претходно беа достапни за Европа, се додава во извештајот.

Планирано е и прераспоредување на подморницата за лансирање ракети, носачи на авиони, неколку воени бродови и дел од бомбардерските сили што беа наменети за одбрана на Европа.

Пентагон не сакаше да коментира конкретни бројки од документот, но претходно изјави дека размислува за намалување на воените обврски на европскиот континент, пишува „Њујорк тајмс“.

Европските претставници проценија дека планираните намалувања би можеле да влијаат на способноста на НАТО да спроведува извидувачки мисии, да ги следи руските поморски активности и да изведува напади со долг дострел.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со години инсистира европските членки на НАТО да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана.

Новиот план се смета за најконкретен чекор досега кон намалување на вмешаноста на американската војска во рамките на Алијансата, додава „Њујорк тајмс“.

ИЗДВОЕНИ