Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, помина само 14 дена во Белата куќа откако претседателот Доналд Трамп беше инаугуриран пред 108 дена, објави денес „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори.
Се очекува Меланија Трамп денес да се појави во Вашингтон на церемонијата на откривање на поштенска марка во чест на поранешната прва дама Барбара Буш и на настан за мајките на американските војници.
„Тајмс“ наведува дека престојот на првата дама на САД во Вашингтон е меѓу најчувствителните теми на актуелната администрација на таа земја.
„Како да ја имаме Грета Гарбо за прва дама“, пишува весникот.
Официјалните лица тврдат дека Меланија Трамп е во Белата куќа повеќе отколку што јавноста сфаќа, но „Тајмс“ објавува дека јавноста не ја видела со недели, поминувајќи го времето во Трамп Тауер на Менхетен или во Флорида.
„Не сме виделе толку незабележителна прва дама уште од времето на Бес Труман, а тоа датира од пред речиси 80 години“, вели Кетрин Џелисон, историчарка на Универзитетот во Охајо чие истражување се фокусира на првите дами.
Таа рече дека, како и Меланија Трамп, Бес Труман го поминувала поголемиот дел од времето „во нејзината база секогаш кога имала можност“, мислејќи на Мисури.