Тимот на Њујорк никс ја освои шампионската титула во НБА- лигата откако со 4:1 во победи, во финалната серија го совлада Сан Антонио спарс. На петтиот натпревар, Никс славеше со 94:90 на гостински терен во Тексас и така стигна до третата титула во историјата на франшизата, а прва по далечната 1973 година.
Како и на претходниот натпревар, тимот од Њујорк направи голем пресврт. Никс успеа да ја надомести највисоката негатива од 16 поени за на крајот да стигне до шампионскиот трофеј.
– Ова е најголемата лекција во мојот живот, најголемиот момент на учење. Учам повеќе од кога било во мојот живот. Периодите на наша доминација се апсолутни. Целосно доминиравме во поголемиот дел од серијата. Но, нашите грешки се казнети толку сурово што не смееме да си дозволиме да имаме вакви подеми и падови. Подемите се во ред. Падовите се причината за тоа што загубивме – истакна ѕвездата на Спарс, Вембањама.
Тој додаде дека е болен поразот во финалето, но дека не бега од него.
– Не сум среќен што не победивме. Но како што реков, ова е најголемата лекција во мојот живот. Како тим, нема подобро искуство од она што штотуку го доживеавме – рече Вембањама.
Најзаслужен за победата беше Џејлен Брансон, кој одигра фантастичен натпревар и постигна 45 поени. Со ова, кошаркарот што беше избран за МВП во финалето израмни рекорд на Мајл Џордан од 1998 година. Имено, Брансон и Џордан се рекордери по бројот на поени во еден гостински меч од финалните серии во НБА-лигата. Одлична поддршка имаше од Микал Бриџис со 14 поени, од Џош Харт, кој запиша 13 поени и 11 скока, како и од Оу-Џи Ануноби со 11 поени и 8 скока.
Кај Сан Антонио, најпрецизен беше Дилан Харпер со 25 поени, додека Виктор Вембањама го заврши натпреварот со 19 поени, 14 скока и пет блокади. Џулијан Шампејни додаде 14 поени и седум скока, но тоа не беше доволно за Спарс да го избегне поразот во финалната серија.












