недела, јули 5, 2026
Дома КУЛТУРА Ново читање на македонската филмска историја во Kинотека; Јулската програма: патување низ...

Ново читање на македонската филмска историја во Kинотека; Јулската програма: патување низ меморијата, идентитетот…

41

Публиката ќе има можност да проследи разновидна програма составена од класични и од современи остварувања, авторски омажи и специјални проекции што отвораат простор за ново читање на македонската филмска историја. Од историски епопеи и интимни семејни драми, преку урбани приказни и современи авторски визии, до експериментални и аматерски филмски форми, програмата нуди богат пресек на различните поетики и генерации што ја создавале и ја создаваат македонската кинематографија

Програмата на Кинотеката на Македонија за јули претставува внимателно осмислена филмска целина што ги обединува највредните аспекти на македонската кинематографија: почитта кон авторите што оставиле длабока трага во националната култура, афирмацијата на современото филмско творештво и грижата за зачувување на богатото филмско наследство. Како што посочуваат оттаму, во текот на целиот месец, публиката ќе има можност да проследи разновидна програма составена од класични и од современи остварувања, авторски омажи и специјални проекции што отвораат простор за ново читање на македонската филмска историја.

– Јулската програма е сведоштво за континуитетот на македонскиот филм, неговата способност да ги следи промените на времето и истовремено да остане длабоко вкоренет во темите што ја обликуваат нашата културна и општествена стварност. Од историски епопеи и интимни семејни драми, преку урбани приказни и современи авторски визии, до експериментални и аматерски филмски форми, програмата нуди богат пресек на различните поетики и генерации што ја создавале и ја создаваат македонската кинематографија – посочуваат од Кинотеката.

Месецот почна со омаж на Горан Стефановски (до 11 јули), еден од најзначајните македонски драмски писатели, сценаристи и интелектуалци чие творештво остави неизбришлива трага врз современата македонска култура. Прикажувањето на филмот „До балчак“ во режија на Столе Попов претставува достојна почит кон авторот чија драматургија беше препознатлива по сложеното преплетување на историјата, митот и на човечката судбина. Сместен во Македонија на почетокот од дваесеттиот век, филмот ја отвора темата за идентитетот, слободата и судирот на различни светови, прикажувајќи ја историјата не како низа на големи настани туку како простор во кој се судираат личните страсти, идеалите и човечките слабости.

Посебно место во јулската програма зазема вечерта посветена на Стефан Сидовски-Сидо (9 јули), една од најпочитуваните и највлијателни личности во македонската филмска култура. Професор по филозофија, предавач по Теорија на филм, исклучителен филмски аматерски автор и неуморен афирматор на филмската уметност, Сидо со децении претставуваше редок пример на интелектуалец што успеал да ги поврзе теоретската мисла и практичната љубов кон филмот. Неговото име одамна е врежано во културната меморија како симбол на посветеноста, љубопитноста и искрената страст кон седмата уметност.

Стефан Сидовски-Сидо

– Низ своето творештво и педагошката работа, Сидо остави силен белег врз бројни генерации филмски работници, критичари, студенти и љубители на филмот. Неговите филмови претставуваат специфичен авторски свет во кој филозофската рефлексија се среќава со визуелната имагинација, а секојдневното искуство добива нови значења низ филмскиот јазик. Вечерта посветена на неговото творештво не претставува само ретроспектива на еден значаен авторски опус туку и признание за неговата животна мисија: развој на филмската култура и поттикнување на критичката мисла преку филмот. За многумина, Стефан Сидовски-Сидо останува вистинска легенда на македонската филмска сцена, човек чии ентузијазам и знаење оставија трајна трага во културниот живот на земјата – истакнуваат од Кинотеката.

Покрај омажите и ретроспективите, програмата ѝ посветува значајно внимание и на современата македонска продукција. Притоа особено се издвојува филмот „М“ на Вардан Тозија – едно од најуспешните и најмеѓународно афирмирани македонски остварувања во последните години. Овој филм (6 јули), преку приказната за едно дете што расте во свет обележан од страв, неизвесност и изолација, отвора прашања за слободата, зрелоста и за човечката потреба да ја открие вистината за светот што го окружува. Со својата впечатлива визуелност и со силната атмосфера, „М“ претставува пример за современ македонски филм што комуницира со глобалната публика, а притоа останува длабоко поврзан со локалниот контекст.

„М“

Значаен сегмент од јулската програма му е посветено и на филмското наследство. Прикажувањето на „Мементо“ на Димитрие Османли (6 јули) претставува можност за повторна средба со едно од најзначајните дела во историјата на македонскиот филм. Создадено во период кога сè уште биле свежи спомените за катастрофалниот земјотрес во Скопје, ова остварување е силна и емотивна медитација за загубата, љубовта, сеќавањето и за обновата. Филмот останува едно од највредните сведоштва за колективната траума и за човечката способност да продолжи понатаму и покрај најголемите животни искушенија.

Истата линија на длабоки психолошки и морални истражувања ја продолжува и „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски (7 јули). Овој значаен филм од седумдесеттите години ги отвора прашањата на забранетата желба, вината, осаменоста и за конфликтот меѓу личните чувства и општествените норми. Со впечатливи актерски интерпретации и со силна драмска структура, филмот останува едно од најзначајните дела во македонската кинематографија, потврдувајќи ја способноста на домашниот филм да навлезе во најсложените слоеви на човечката природа.

– Она што ја прави програмата на Кинотеката на Македонија за јули 2026 особено вредна е што во неа се среќаваат автори од различни генерации, различни филмски естетики и различни погледи кон светот, но сите обединети во стремежот да се раскажат значајни човечки приказни – додаваат оттаму.

ИЗДВОЕНИ