За исплатената еврообврзница за 2020 година, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се вратени 700 милиони евра што ги зела претходната Влада пред шест години. Посочи дека се вратени предвреме, со што, рече, се заштедени неколку милиони евра.
– Во овие две години, сервисирани или репрограмирани се приближно 4,5-4,6 милијарди евра. Тоа е долг и обврски создадени, во најголем дел, од седум години влада на СДСМ и ДУИ. Се разбира, има и дел отпорано, но, во најголем дел, процентуално тоа е нешто повеќе од три четвртини. Ние ги сервисираме тие обврски, истовремено изнаоѓаме средства за инфраструктурни проекти. Потпишавме и колективни договори со образованието, со здравството, со администрацијата итн. Кога се работи домаќински, се санираат сите оние штетни последици од едно време што не би сакал никогаш да се повтори ниту за граѓаните ниту за државата – изјави Мицкоски.
Споредувајќи ги економските параметри, премиерот рече дека во периодот на Владата на СДСМ и ДУИ растот на бруто-домашниот производ бил нешто под 1,8 проценти, а во седум квартали од Владата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, рече, е речиси двојно поголем, односно 3,5 проценти.
– Ние ќе продолжиме да функционираме на тој начин. Сè уште треба време за посериозно да почне да се чувствува, но веќе насекаде се гледа она што се работи во овие две години – додаде Мицкоски.












