вторник, септември 22, 2026
Дома БАЛКАН Нови детали за смртта на српскиот државјанин на Октоберфест: Полицијата ги бара...

Нови детали за смртта на српскиот државјанин на Октоберфест: Полицијата ги бара снимките

1
video screenshot

Германската полиција започна истрага по смртта на 52-годишен српски државјанин на Октоберфест во Минхен. Страшната несреќа се случила синоќа околу 22 часот, кога гондолата од атракцијата „Хенговер“ – која се спушта од висина од 80 метри со голема брзина, а паднала врз маж кој работел како обезбедување.

– Криминалистичката полиција на Минхен, започна детална истрага за околностите на оваа несреќа при работа. Полицијата упати јавен повик и бара сведоци кои го виделе инцидентот, а посебно ги замолува сите што имаат видеоснимки од моментот на несреќата да се јават за да се утврди точно што се случило – пренесуваат германските медиуми.

Како што додаваат тие, според првичните и неофицијални информации од местото на настанот, загинатиот српски државјанин се наоѓал на место каде што не требало да биде.

– Се наоѓал во простор каде што не смеел да биде, токму од безбедносни причини. Гондола со луѓе паднала врз него додека се спуштала по кулата и го пригмечила. Тој се здобил со тешки повреди и итно бил пренесен во болница во Минхен, но починал кратко по приемот. Луѓето кои биле на атракцијата во моментот на несреќата не се повредени – наведуваат тие и додаваат дека се утврдува зошто работникот од обезбедувањето бил во забранетата зона.

Заменик-градоначалникот на Минхен, Доминик Краузе, утрово изјави дека веста за трагедијата длабоко го потресла.

– Моите мисли се со семејството на починатиот маж и со вработените на атракцијата „Hangover“ – изјави градоначалникот во соопштение за медиумите. Краузе исто така им се заблагодари на службите за итна помош за нивната брза реакција.

На местото каде што загина мажот од Србија, граѓаните од утрово оставаат црвени рози.

Октоберфест започна во саботата наутро и ќе трае до 4 октомври. Повеќе од шест милиони посетители секоја година го посетуваат овој фестивал на пивото, кој се смета за најголем во светот, а околу 600 полицајци и стотици припадници на обезбедувањето дежураат околу фестивалскиот простор.

ИЗДВОЕНИ