Град Скопје доделува дополнителни 10 локации за поставување урбана опрема и други подвижни направи во Градски парк, потоа четири локации во СРЦ „Сарај“, три локации во Парк-шумата „Гази Баба“, три локации на кејот на реката Вардар и две локации во Рајски парк. За таа цел е објавен дополнителен јавен повик кој трае до 24 јуни.
На локациите можат да се поставуваат подвижни објекти, подвижни апарати и други направи.
Под подвижни објекти се подразбираат: објекти на сопствен погон или приколка која нема сопствен погон на движење, односно специјализирани возила за улична продажба, со должина до 4 метри и висина до 3 метри во кои можат да се продаваат конфекционирани угостителски услуги кои немаат негативни еколошки влијанија врз околината (користат агрегат за напојување со струја, со ниска бучавост, високо квалитетен, нема индустриски агрегат и да има сертификат дека има ниска емисија на штетни гасови). Во нив ќе може да се продава исклучиво сладолед, пијалаци, кондиторски производи, подготвување пуканки, шеќерна волна, крофни, палачинки и слични производи.
Максималната површина на локацијата на која се поставува урбаната опрема – подвижните објекти, подвижни апарати и други подвижни направи е до 16 квадратни метри, а во која се опфатени подвижниот објект, односно подвижниот апарат или друга подвижна направа, манипулативен простор, урбана опрема во функција на користењето на локацијата – канта за отпадоци. Поставените објекти не треба да содржат озвучување или аудиосистеми за пуштање музика. На урбаната опрема може да се поставуваат рекламни натписи не поголеми од димензиите на предниот дел на објектот на кој се поставуваат и нивната димензија (висина и широчина) е составен дел на вкупната димензија на објектот.
Објектите треба да имаат дизајн и изглед кој не го нарушува амбиентот на околината каде што се поставени. Урбаната опрема не може да се користи за продавање семкарски и јаткасти производи. Локациите на кои е поставена урбаната опрема се даваат на користење за период од една година.
На заинтересираните субјекти кои ги исполнуваат условите ќе им биде одобрено користење локација за поставување на подвижните објекти, согласно принципот „Прв дојден – прв услужен” (заведени во ден, час, минута, секунда).
По добивањето на одобрение за поставување урбана опрема, избраниот субјект е должен да склучи договор со ЈП „Комунална хигиена“ за транспортирање и депонирање на отпад, како и да достави Решение за регистрација на мобилен објект издадено од Агенција за храна и ветеринарство, во рок од 7 дена од денот на добивање на одобрението.
(А. П.)












