понеделник, ноември 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Kолку ќе нè чинат кредитите што ќе ги отплаќаат и идните генерации?

Kолку ќе нè чинат кредитите што ќе ги отплаќаат и идните генерации?

Државата во 2027 година ќе треба да сервисира долг од 124,6 милијарди денари, а јавниот долг достигна 58,5 проценти од БДП. Отплатата на старите обврски, меѓу кои и еврообврзницата од 500 милиони евра што достасува во март, ќе ја наметне потребата од ново задолжување. Економистите предупредуваат за ризиците од повисоки каматни стапки и забавување на економскиот раст. Поранешниот министер за финансии, Кирил Миновски, посочува за весникот ВЕЧЕР дека за излез од кругот на задолжување и за отплата на старите долгови, се неопходни два предуслови: повисок економски раст и сериозна фискална консолидација. Академик Абдулменаф Беџети, исто така во изјава за ВЕЧЕР, предупредува на разлика меѓу владините проекции за растот од 3,7 проценти и прогнозите на Светска банка од 3 проценти. – Тоа е огромна разлика. Никогаш досега не сме имале толкава разлика меѓу нашата проекција и онаа на Светска банка – посочува Беџети

8

Економските ризици и високите обврски за отплата на долгот ја ставаат државата пред нов бран задолжување, во кој дел од новите позајмувања ќе бидат наменети за враќање на старите долгови. Само во 2027 година, за сервисирање на јавниот долг се предвидени 124,6 милијарди денари, а во март достасува и еврообврзницата од 500 милиони евра. Тоа значи дека државата повторно ќе мора да се задолжува за да се раздолжува, во услови на неизвесни движења на меѓународните пазари и можен раст на каматните стапки. Економистите предвидуваат дека е ограничен просторот за маневрирање, особено ако дојде до нов раст на каматите или до забавување на економијата. Во такви услови, државата ќе се соочи со поголем трошок за отплата на долгот, а истовремено ќе мора да обезбеди средства за редовно функционирање и за заштита на животниот стандард на граѓаните и работењето на компаниите.

Поранешниот министер за финансии, Кирил Миновски, посочува за весникот ВЕЧЕР дека за излез од кругот на постојано задолжување и враќање на старите долгови, се неопходни два клучни предуслови: повисок економски раст и сериозна фискална консолидација.

– Прво, потребна е просперитетна економија, која ќе создава повисоки стапки на раст, така што растот на бруто домашниот производ ќе биде повисок од трошокот за финансирање на јавниот долг, односно од каматната стапка. На тој начин, економската моќ на државата ќе расте побрзо од трошоците за задолжување, со што јавниот долг постепено ќе станува помал товар во однос на вкупната економија – смета Миновски.

Втор предуслов, нагласува Миновски, е спроведувањето сериозна фискална консолидација, која не смее да се сведе само на кратење на капиталните инвестиции, бидејќи тие се важни за долгорочниот економски развој. Наместо тоа, потребни се структурни реформи насочени кон намалување на непродуктивните јавни расходи, рационализација и оптимизација на јавната администрација, како и укинување на непотребните управни и надзорни одбори.

– Дополнително, потребни се подобрување на ефикасноста на јавните институции и посериозна борба против сивата економија. Со нејзиното спречување би се проширила даночната основа, односно би се зголемил бројот на економски активности и субјекти што придонесуваат во буџетот – додава тој.

Според Миновски, ваквиот пристап би овозможил подобро управување со јавните средства и создавање услови државата постепено да ја намалува потребата од нови задолжувања.

Академик Абдулменаф Беџети вели за весникот ВЕЧЕР дека државата ќе мора да се задолжува за да го финансира буџетскиот дефицит и да ги сервисира обврските од претходните задолжувања.

– Буџетскиот дефицит не може да се финансира тековно, поради што издавањето еврообврзница е еден од главните начини за обезбедување средства. Дополнителна причина за новото задолжување е и еврообврзницата од 500 милиони евра, која достасува во март следната година и која државата има обврска да ја отплати – смета Беџети.

Во однос на јавниот долг, Беџети посочува дека од 2014 година наваму, тој е речиси двојно зголемен и сега изнесува околу 60 отсто, поточно 58,5 проценти од бруто домашниот производ. Сепак, конечниот удел може да се промени поради новата методологија за пресметка на БДП, која е во подготовка.

– Движењето на јавниот долг ќе зависи и од тоа како ќе заврши годината во однос на економскиот раст. Иако првите три квартали бележат добри резултати, останува да се види дали ќе биде одржлив таквиот раст – посочува Беџети.

Како особено важен проблем тој ја издвојува разликата меѓу владините проекции за економскиот раст и прогнозите на Светска банка. Владата за следната година предвидува раст од 3,7 проценти, додека Светска банка очекува 3 проценти.

– Тоа е огромна разлика. Никогаш досега не сме имале толкава разлика меѓу нашата проекција и онаа на Светска банка – посочува Беџети.

Универзитетскиот професор Борче Треновски предупредува дека растот на јавниот долг и неизвесноста на меѓународните финансиски пазари создаваат дополнителни ризици за државата. Според него, доколку дојде до зголемување на каматните стапки и до влошување на глобалните економски услови, Македонија ќе мора повторно да се задолжува за да ги отплаќа постојните долгови.

– Ако дојде до зголемување на каматните стапки и до влошување на глобалните економски услови, ние ќе бидеме во ситуација кога ќе мораме повторно да се задолжиме за да се раздолжиме. Ако растат каматните стапки, и тука имаме дополнителен ризик – рече Треновски.

Тој посочува дека во такви услови отплатата на постојните долгови би станала поскапа, што дополнително би го оптоварило буџетот и би го ограничило просторот за финансирање на други потреби.

Инаку, Владата го усвои предлог-буџетот за 2027 година, со планирани приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП, при очекуван економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти.

Најголем дел од расходите се однесуваат на социјалните трансфери, за кои се предвидени 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди за пензии. За здравствена заштита се планирани дополнителни 3,9 милијарди денари во однос на годинава, додека општините треба да добијат околу 36 милијарди денари. За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, наменети за инфраструктурни, железнички, образовни, енергетски и за други проекти, меѓу кои и изградбата на коридорите 8 и 10-д.

Покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, државата во 2027 година ќе треба да сервисира долг од 124,6 милијарди денари, од кои 46,5 милијарди се однесуваат на надворешниот долг. Во март достасува еврообврзницата од 500 милиони евра, поради што министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, најави издавање нова еврообврзница во првиот квартал од годината.

Планот предвидува и 36,3 милијарди денари домашно задолжување, 60 милијарди денари за рефинансирање краткорочни државни хартии од вредност и 86,8 милијарди денари задолжување во странство. Каматната стапка за новата еврообврзница засега не е утврдена и ќе зависи од условите на меѓународните финансиски пазари.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ