Каматите на постојните кредити во август продолжија благо да се намалуваат, но кај новоодобрените кредити и новопримените депозити е регистриран пораст, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,67%, што е намалување од 0,01 процентен поен на месечно и 0,23 процентни поени на годишно ниво. Кај вкупните депозити стапката останала непроменета на 2,18%.
За разлика од ова, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август се зголемила за 0,26 процентни поени на месечно и 0,22 процентни поени на годишно ниво, достигнувајќи 4,70%. Кај новопримените депозити стапката пораснала на 2,72%.
Кај компаниите, просечната камата на вкупните кредити се намалила на 4,33%, додека кај новите кредити е зголемена на 4,68%. Истовремено, каматата на новопримените депозити на корпоративниот сектор достигнала 2,75%. Кај домаќинствата, каматата на вкупните кредити се намалила на 5%, односно за 0,27 процентни поени во однос на август минатата година. Каматата на новите кредити останала непроменета на 4,73%, но е повисока за 0,05 процентни поени на годишно ниво. Кај депозитите на населението просечната каматна стапка останала на 2,11%, додека кај новопримените депозити се зголемила на 2,72%.












