Грција и Турција повторно се најдоа во необичен спор околу културното наследство, овој пат околу традиционалната супа од шкембе што двете земји ја сметаат за дел од сопствената гастрономска традиција
Нов гастрономски спор ги загрева односите меѓу Грција и Турција, а овој пат супата од шкембе е во центарот на спорот, објави Euronews.
Јадењето, наречено „патса во Грција и „ишкембе“ во Турција, е дел од кујните на двете земји со векови, но сега двете страни тврдат дека тие се оние кои имаат право на неговото културно наследство.
Спорот ескалираше дополнително откако грчкиот угостител Димитрис Царухас од Солун покрена иницијатива за впишување на „патса“ на списокот на нематеријално културно наследство на УНЕСКО како автентично грчко јадење.
Царухас тврди дека корените на супата се од „Одисеја“ на Хомер. „Ако не е патса“, што друго би можела да биде?“ рече тој, осврнувајќи се на описите на јадења направени од животински утроби во античките епови.
Супата направена од говедски стомаци и бутови има речиси култен статус во обете земји, особено како наводен лек за мамурлак и проблеми со желудникот.
Во Грција, традиционално се јаде со лук, оцет и лути зачини, а многумина ја сметаат за храна што му помага на телото да се опорави.
Подготовката трае со часови, а готвачите истакнуваат дека рецептот се пренесува со генерации.
Турските готвачи и историчари ги отфрлаат грчките тврдења и тврдат дека „ишкембе чорбаси“ е длабоко вкоренет во отоманската и турската кујна.
Тие, исто така, се повикуваат на списите на отоманскиот патеписец од 17 век Евлија Челебија, кој ги опишал продавачите на супа од шкембе на улиците на Истанбул.
„Како баклавата и многу други работи, сега сакаат да го присвојат ова“, рече еден сопственик на ресторан во Истанбул.
Грција и Турција со децении се во симболични спорови околу потеклото на одредени јадења и производи – од баклава и полнети лозови листови до кафе и ќебапи.
Експертите истакнуваат дека ова се кујни кои се развивале со векови под силно влијание на Отоманската империја, што го отежнува повлекувањето јасна граница помеѓу „грчко“ и „турско“.
Сепак, за многумина, храната останува прашање на идентитет.
„Вкусовите треба да нè обединуваат, а не да нè разделуваат“, рече Царухас.
Но, дебатата за чкембето покажува дека старите тензии меѓу двата соседа сè уште лесно се разгоруваат – дури и на трпезата.












