Се чини со право, на неколку часа пред почетокот на дуелот, спортската јавност во нашата земја и најверните навивачи се прашуваат кој ќе биде, меѓу редови, обвинет доколку репрезентацијата на Македонија не забележи позитивен резултат на вториот натпревар од новото издание на Лигата на нациите, каде што за противник ја има селекцијата на Словенија (20:45 ч.).
Во саботата, на националната арена „Тодор Проески“, „црвено-жолтите“ ја нагостија репрезентацијата на Швајцарија, која доминираше од првата до последната минута и сосема заслужено забележа убедлива победа од 3:0.
Новиот неуспех доби уште повеќе на значење поради фактите што Македонија повеќе од една година не знае за победа, дека откако е седнат Гоце Седлоски на селекторското столче, националниот тим запиша три порази, два пати одигра без победник, прими 11 погодоци и не постигна ниту еден, а на последниот натпревар, неговите избраници за повеќе од 90 минути не упатија ниту еден директен удар кон противничкиот гол.
За разлика од некои други селектори и тренери, Седлоски, горе-долу, вината за празот ја лоцираше и кај некои фудбалери, кои, според него, биле исплашени и не одиграле како што се очекува од нив.
– Барам да покажеме карактер, а од некои играчи денес не го видов тој карактер. Дали е тоа поради нивното неиграње во клубовите, не знам, но добро ќе анализирам. На некои фудбалери во соблекувалната им кажав дека е недозволиво да се игра како што играа тие на овој натпревар. Некои влегоа исплашено, а на ваквите натпревари се гледа карактерот. Со срце и душа се игра за репрезентацијата на Македонија. На тренинзите беа одлични, но некои вечерва потфрлија – изјави Седлоски.
Селекторот како да заборави дека голем дел од актуелните репрезентативци го одиграа квалификацискиот циклус за СП 2026, останаа непоразени на двата натпревари против Белгија и обезбедија пласман во баражот, каде што, под негово водство, беа поразена од Данска со 4:0.
Уште поинтересна беше неговата изјава дека во поново време и од негово време, поквалитетна репрезентација од Швајцарија не гостувала во Скопје.
– Една компактна селекција и една светска фудбалска сила. Ние треба многу да работиме. Не шутиравме на гол и тоа е нивна заслуга, бидејќи ги добија сите дуели. Поквалитетна репрезентација не гостувала во Скопје, и во поново време и во моето време – додаде Седлоски.
Среќа, селекторот ќе има доволно време за да се потсети дека на „Тодор Проески“ гостувале Италија, Германија, Шпанија… но сега во прв план треба да му биде дуелот против Словенија, која одигра 0:0 со Шкотска, во првото коло од Лигата на нациите.












