вторник, септември 29, 2026
Дома МАГАЗИН ТУРИСТИТЕ ГИ МЕНУВААТ НАВИКИТЕ: Големите европски градови веќе не се последна станица

ТУРИСТИТЕ ГИ МЕНУВААТ НАВИКИТЕ: Големите европски градови веќе не се последна станица

Рим, Париз и Лисабон остануваат магнет за туристите, но новиот тренд покажува дека посетителите сè почесто сакаат да видат што има и надвор од метрополите. Европскиот туризам доживува промена.

0

Големите европски градови и понатаму се меѓу најпопуларните туристички дестинации, но начинот на кој посетителите ги истражуваат сè повеќе се менува. Туристите сè почесто ги користат Рим, Париз, Лисабон и другите големи центри како појдовни точки за еднодневни излети, упатувајќи се кон помали градови, природни предели, крајбрежјето или винските региони.

Истовремено, податоците од TUI – еден од најголемите европски туроператори – покажуваат дека патниците сè подоцна ги резервираат своите одмори, а на нивните одлуки влијаат цените, геополитичката ситуација и трошоците за гориво.

И бројките покажуваат колку брзо се шири овој тренд. Според истражувањето на The Tour Guy, дури 85,4 отсто од туристите кои ја посетиле Европа во последните 12 месеци направиле барем еден еднодневен излет.

Но, уште поинтересен е растот на побарувачката.

Во периодот од 1 јануари до 15 септември 2026 година, резервациите за еднодневни излети преку оваа платформа се зголемиле за 110,7 отсто во споредба со истиот период во 2025 година.

Тоа значи дека големите европски градови сè повеќе стануваат почетна точка, а не единствена дестинација на туристичкото патување.

Туристите сакаат да избегаат од градската гужва, но што ги привлекува надвор од градовите?

Најголем дел од туристите сакаат да видат нешто што не можат да го доживеат во големите урбани центри. Според истражувањето, 64,9 отсто од испитаниците ги привлекуваат селата, крајбрежјето и природата. Други 53,4 отсто имале конкретна атракција надвор од градот што сакале да ја посетат. Само 8,5 отсто рекле дека главната причина е едноставно да направат пауза од градското разгледување.

Новиот тренд веќе се гледа во најпопуларните европски туристички рути. Од Рим, туристите сè почесто заминуваат кон селата и винските предели на Тоскана. Од Лисабон, популарна е Синтра, додека од Париз голем интерес има за Мон Сен Мишел. Во Тоскана расте интересот за вински и гастрономски искуства, додека во околината на Помпеја туристите ги комбинираат археолошките локалитети со природните знаменитости на Везув.

Особено интересен е податокот дека секој четврти еднодневен излет продаден во 2026 година вклучувал искуство кое претходната година воопшто не било достапно. Тоа покажува колку брзо се менува туристичката понуда.

Но, не се менува само начинот на патување. Се менува и начинот на резервирање. Германскиот туристички гигант TUI предупредува дека туристите сè почесто ги резервираат своите одмори поблиску до датумот на патување. Во последните четири недели резервираниот приход на компанијата пораснал за два отсто. Сепак, вкупната позиција на резервиран приход за летото 2026 година била пет отсто пониска отколку една година претходно.

На пазарите во Велика Британија и Германија, падот изнесувал седум, односно два отсто.

И покрај промените во навиките, одредени дестинации и понатаму се исклучително популарни. TUI меѓу најбараните ги издвојува Грција и Шпанија, вклучувајќи ги Балеарските и Канарските Острови. За зимската сезона 2026/27, туристите покажуваат голем интерес за Канарските Острови, континентална Шпанија, Египет и Зеленортските Острови. На листата на далечни дестинации се и Тајланд, Мексико и Доминиканската Република.

Сепак, туристичкиот сектор останува чувствителен на геополитичките случувања и на движењето на цените на горивото.

Вештачката интелигенција станува туристички советник

Промените не се однесуваат само на местата што ги посетуваат туристите. Сè поголема улога има и вештачката интелигенција, која станува дел од планирањето на патувањата. Денес туристите можат преку дигитални платформи и алатки базирани на вештачка интелигенција да добијат препораки за ресторани, плажи, музеи, излети, села и вински региони.

Ова може да им помогне и на помалите дестинации да станат повидливи за странските туристи, дури и кога не се дел од традиционалните туристички рути.

Големите градови не губат туристи – ја менуваат својата улога

Новите податоци не значат дека туристите се откажуваат од Рим, Париз, Лисабон или другите европски метрополи. Напротив. Големите градови остануваат главни туристички центри, но сè почесто служат како база за истражување на поширокиот регион.

Туристите сакаат повеќе од класично разгледување на знаменитостите. Тие бараат локална храна, вино, природа, мали населби, крајбрежје и искуства кои не можат да ги добијат во големите градски центри. Европскиот туризам затоа не се менува само во однос на тоа каде одат туристите, туку и во однос на тоа како го планираат и доживуваат патувањето.

ИЗДВОЕНИ