вторник, јуни 23, 2026
Дома СВЕТ Нов ултиматум го вознемири Кремљ: Итно се состануваат Путин и Лукашенко

Нов ултиматум го вознемири Кремљ: Итно се состануваат Путин и Лукашенко

121
EPA/VALERIY SHARIFULIN

Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко наскоро треба да одржат итен состанок, а една од клучните теми ќе биде ултиматумот што украинскиот претседател Володимир Зеленски го испрати до Минск.

Веста беше потврдена од Кремљ, откако Киев ја обвини Белорусија дека помагала во нападите со руски беспилотни летала на украинска територија.

Зеленски минатата недела рече дека Белорусија мора да ја отстрани комуникациската опрема за која Украина тврди дека се користи за поддршка на операциите на руски беспилотни летала. Во исто време, тој му даде рок на Минск од седум дена, предупредувајќи дека доколку нема реакција, Украина ќе преземе свои чекори.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин и Лукашенко ќе разговараат на оваа тема во блиска иднина, а тој остро го критикуваше украинскиот претседател, пишува Киев Индипендент.

„Заканите кои доаѓаат од Киев се крајно агресивни. Станува збор за мешање во внатрешните работи на друга земја и нарушување на нејзиниот суверенитет“, изјави Песков за новинарите.

Тој додаде дека Москва не се сомнева дека белоруските власти се способни да ја заштитат својата независност и територијален интегритет.

Според Зеленски, проблематичната инфраструктура вклучува релејни системи инсталирани на комуникациските кули во Белорусија. Украина тврди дека тие се користат за поддршка на напади со руски беспилотни летала, особено за време на операциите насочени кон Киев и северните делови на земјата.

Руските беспилотни летала од типот Шахид користат различни комуникациски мрежи и копнена инфраструктура за навигација и насочување за време на летови на долги растојанија. Украински извори велат дека таквите летала често се забележуваат во близина на границата со Белорусија пред да продолжат кон цели во Украина.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Белорусија остана еден од најважните партнери на Кремљ. Минск им дозволи на руските сили да ја користат нејзината територија, а руското тактичко нуклеарно оружје исто така беше распоредено на белоруска територија.

Сепак, и покрај блиските врски со Москва, белоруската армија сè уште директно не учествувала во воените операции на украинска територија. Режимот на Лукашенко постојано тврдеше дека нема намера да испраќа свои војници во војна.

Додека официјален Минск се уште тврди дека не планира да влезе во конфликтот, белоруската опозиција предупредува дека има индиции за можно поинтензивно вклучување на земјата во војната.

Претставниците на опозициските кругови веруваат дека најновите потези на режимот и зголемената воена соработка со Русија може да укажат на подготовки за поактивна улога на Белорусија во конфликтот кој трае повеќе од четири години.

ИЗДВОЕНИ