сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВ СУДСКИ СЛУЧАЈ ЗА СУРОВО ИЗМАЧУВАЊЕ И МАЛТРЕТИРАЊЕ ЖИВОТНИ: Ќе им се...

НОВ СУДСКИ СЛУЧАЈ ЗА СУРОВО ИЗМАЧУВАЊЕ И МАЛТРЕТИРАЊЕ ЖИВОТНИ: Ќе им се суди на три лица – ги тепале, им ги кршеле нозете, ги гаѓале со самострел…  

Жителите на скопските населби Хиподром, Маџари, Скопско Поле, Јурумлери и Трубарево повеќе години биле сведоци на суровото однесување на неколку лица кон бездомните животни, на кои им нанесувале тешки повреди дури и пред очите на децата од детската градинка и основното училиште. “ Ги тепаа животните, тешко ги повредуваа, им кршеа и нозе, им ги палеа живеалиштата што ние сме ги правеле. Кулминација на суровоста беше кога почнаа да ги гаѓаат животните со челични стрели со самострелот што го поседувале. Повеќе кучиња и други животни беа ранети со тие стрели и моравме да ги носиме кај ветеринари или во ЈП „Лајка“, за да им се укаже лекарска помош, раскажуваат очевидци.

489

Три лица, утре, треба да излезат пред лицето на правдата во нов случај на сурово измачување на животните, кое траело последните години на подрачјето на неколку населби во скопската општина Гази Баба. По предлог на Основното Јавно Обвинителство – Скопје, во Основниот Кривичен суд денеска се очекува да започне судскиот процес против лицата Ф. С., Ф. Н. и А. С. од Скопје, обвинети за сторени кривични дела „Мачење на животни”, согласно со член 233 став 1 и „Предизвикување општа опасност“, согласно со член 288 став 1 од Кривичниот законик. До ова дојде откако граѓаните од населбите Хиподром, Маџари, Скопско Поле, Јурумлери и Трубарево веќе не можеа да ги поднесуваат малтретирањата на бездомните животни на нивните подрачја од страна на овие лица, а што се случувало наназад цели четири години.

– Нивното однесување беше мошне сурово и тоа често го гледавме. Ги тепаа животните, тешко ги повредуваа, им кршеа и нозе, им ги палеа живеалиштата што ние сме ги правеле. Кулминација на суровоста беше кога почнаа да ги гаѓаат животните со челични стрели со самострелот што го поседувале. Повеќе кучиња и други животни беа ранети со тие стрели и моравме да ги носиме кај ветеринари или во ЈП „Лајка“, за да им се укаже лекарска помош. Одвај ги спасувавме од суровото измачување што често се случуваше во близина на детската градинка и на основното училиште пред очите на малите деца – ни изјавија дел од граѓаните што сакаа да останат анонимни и кои за ваквите случаи постојано поднесувале и пријави до полицијата.

Тие го наведуваат случајот кога овие лица ја запалиле куќичката во која имало куче откако претходно ја затрупале со снег. Со тоа сакале да го оневозможат дотурот на воздухот и да го задушат животното. Биле спречени во тоа, но по извесно време целосно ја запалиле куќичката, при што ја потпалиле и фасадата на трговскиот центар во скопската населба Хиподром. Сето ова се случувало на паркинг, кој во тој момент бил преполн со возила, а опасноста од опожарувањето на овие возила и понатамошни експлозии е избегната благодарение на граѓаните. Следувал и нов инцидент предизвикан од страна на трите лица и ново злосторство, кога уринирале врз истото куче, на кое потоа му ги скршиле нозете.

Злосторствата продолжиле и понатаму, па користеле самострел за да го застрелаат кучето, по што граѓаните го однеле животното за да му се укаже помош во ветеринарна болница во Автокоманда. Во тој период, во истата болница биле донесени повеќе мачки и кучиња за кои ветеринарните доктори констатирале дека се стрелани со челични стрели долги 20 сантиметри од самострелот за кој е потребно да се има и посебно одобрение од МВР. Сторителите и натаму продолжувале да стрелаат недолжни животни, кои со отворени крвави рани и видливи сериозни повреди, се движеле во околината. Со самострел стрелале животни дури и во непосредна близина на детската градинка „Пони“ и на Основното училиште „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром, како и во близина на околните детски игралишта, кои најчесто биле полни со деца, сведоци на грозоморните убиства и мачења – наведуваат граѓаните.

Повредените животни биле носени и во ЈП „Лајка“ за да им се укаже медицинска помош.

– Имавме повеќе такви примери на животни повредени со челични стрели. Повредите беа сериозни и сето тоа се случувало пред очите на граѓаните кои сведочеа за сурово однесување на локалните насилници. Едно од малтретираните кучиња, за среќа, подоцна успеавме да го вдомиме кај една жена. Во спротивност, сигурно ќе го усмртеа – ни изјави Радмила Пешева, поранешна директорка на ЈП „Лајка“. (Б. Ѓ.)

Пријавите одвај процесуирани

Граѓаните наведуваат дека на полицијата ѝ требало подолго време да постапи по нивните пријави против овие насилници.

– Сторителите двапати биле пријавувани во полициската станица во Автокоманда но од страна на полициските службеници ниту еднаш не бил составен никаков записник со опис на делата за кои биле пријавени обвинетите. Истовремено, во меѓувреме не била преземена соодветна мерка со која би се спречило и превенирало понатамошно убивање и малтретирање на животните. Потоа следуваше и пријава до ОЈО и се оформи предметот – наведуваат тие.

Минатата година, Основниот кривичен суд во Скопје изрече прва затворска казна за малтретирање и убиство на животно во Македонија, при што едно лице е осудено на затвор од три месеци.

 

ИЗДВОЕНИ