Центарот за управување со кризи информира за нов пожар над селото Вржале во околината на Скопје. Поради непристапниот терен утре наутро планирана е и воздушна интервенција, а екипи ќе останат на терен во текот на ноќта.
Директорот на ЦУК, г-дин Мухамед Али, денес директно од терен, заедно со заменик-командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, г. Ерол Алиу, и екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје, ја следи и координира интервенцијата за спречување на понатамошното ширење на пожарот и заштита на околината. Дополнително, ангажирани се и две специјализирани возила од Дирекцијата за заштита и спасување.
Состојбата директно се следи и координира од терен, во тесна соработка со сите ангажирани екипи. Приоритет е пожарот да се стави под контрола, да се локализира и да се продолжи со сите потребни капацитети до негово целосно гаснење.
– Поради непристапниот терен, кој не овозможува целосна локализација на пожарот со интервенција од земја, за утре наутро е планирана и воздушна интервенција, која ќе се реализира во зависност од временските услови и состојбата на терен. Екипите ќе останат на терен и ќе ја следат состојбата во текот на целата ноќ, со цел секоја промена да биде навремено детектирана и да се реагира брзо и координирано – информира директорот на ЦУК Мухамед Али, кој е на терен заедно со заменик-командантот на Противпожарната Бригада на Град Скопје, Ерол Алиу.












