понеделник, ноември 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Кибернападите закана за снабдувањето со струја во државата

Кибернападите закана за снабдувањето со струја во државата

0

Дигитализацијата на енергетскиот сектор носи поголема ефикасност и поквалитетни услуги, но истовремено отвора простор за нови и сè посложени киберзакани, кои може да го загрозат снабдувањето со електрична енергија и функционирањето на критичната инфраструктура. Зајакнувањето на националните капацитети за кибербезбедност и подготвеноста за справување со ваквите ризици се во фокусот на проектот „Сајбер безбедност за отпорна дигитална иднина“, поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Република Словачка.

Од УНДП предупредуваат дека киберзаканите стануваат сè почести, а последиците од нападите врз критичните системи може директно да се одразат врз секојдневниот живот на граѓаните.

– Додека доаѓав овде, слушнав вест дека украинската инфраструктура за известување во итни случаи била хакирана, а граѓаните почнале да добиваат пораки за нуклеарни закани. Можете да замислите какво влијание може да имаат ваквите пораки врз населението. Ова е само еден од многубројните примери. Се чини дека, водени од добри намери, создадовме нешто за кое веќе не знаеме како целосно да го контролираме – истакна Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, на настанот „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од процена до отпорност – Патоказ за енергетскиот ЦСИРТ“, организиран од УНДП.

Таа предупреди дека и Македонија е изложена на вакви ризици, особено поради поврзаноста со регионалните пазари на електрична енергија и меѓусебната поврзаност на електроенергетските системи.

– Киберинцидент во соседна земја, на регионална пазарна платформа или кај заеднички давател на услуги може да го наруши тргувањето со електрична енергија, да ги намали можностите за балансирање на системот и да наметне ограничувања во снабдувањето – посочи Чернишова.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, порача дека кибербезбедноста во енергетиката е прашање што ги засега сите – граѓаните, економијата и националната безбедност. Таа нагласи дека е неопходно системите да се заштитат од закани што може да предизвикаат реални прекини и сериозни последици.

– Кога зборуваме за енергетската безбедност, најчесто мислиме на сигурно снабдување, стабилна мрежа и доволно производствени капацитети. Но, денес, безбедноста на енергетскиот систем зависи и од заштитата на дигиталната инфраструктура преку која тој се управува. Зад секое домаќинство што има електрична енергија, зад секоја компанија што работи и секоја јавна услуга што непречено функционира, стои систем чија сигурност мора постојано да ја унапредуваме – рече Божиновска.

Во соработка со УНДП е спроведена процена на кибербезбедноста во енергетскиот сектор и изработена методологија што претставува практична основа за координирано управување со киберинциденти, навремена размена на информации и зајакнување на стручните капацитети во секторот.

– Во меѓусебно поврзан енергетски систем, секој субјект мора да знае кому да му се обрати, кои информации да ги сподели и како да постапи при инцидент. Навременото предупредување и усогласениот одговор може да го ограничат ширењето на последиците и да помогнат побргу да се воспостави нормалното работење – нагласи министерката Божиновска.

Следниот чекор е препораките и изработената методологија да добијат практична примена, со јасно дефинирани одговорности, утврдени приоритети и координиран пристап во справувањето со киберзаканите. Целта е да се изгради поотпорен енергетски сектор, способен навремено да ги препознае, спречи и ограничи последиците од потенцијалните киберинциденти.

ИЗДВОЕНИ