Словенечката пејачка, прва победничка на „Макфест“ со „Кога те нема“!

За Хелена Благне, популарната словенечка поп-пејачка, настапот во нашиот Штип, на првото издание на „Макфест“ во далечната 1986 година, и ден-денес има речиси историско значење. Токму во 1986 година, згодната Хелена ја почна својата професионална музичка кариера, бидејќи со песната „Кога те нема“ ги освои сите награди, и од публиката и од стручното жири. Нејзиниот гламурозен настап сè уште се памети и во нејзината родна Словенија.

Во едно неодамнешно интервју, Хелена Благне откри дека за настапот во Штип била заслужна една претходна средба на „Сплитскиот фестивал“. – Сè почна кога настапив тоа лето на „Сплитскиот фестивал“. Таму ме забележа тогашниот директор на Телевизија Скопје, Кире Милев. Ми понуди настап на штипскиот „Макфест“. Ме поврза со авторот Кире Костов. Затоа сум им благодарна на сите, до крајот на животот – вели пејачката.

Всушност, така почнала македонската музичка кариера на словенечката пејачка, која со таа една песна остави траен белег на музичката сцена.

Хелена и понатаму со посебни емоции се сеќава на прославата во Македонија по победата, на радосната публика. Нејзините спомени од првото гостување во Штип се поврзани со топлината и со гостопримството што ги доживеала кај нас.

– Прекрасната македонска публика, веднаш откако слетав на скопскиот аеродром, неверојатно љубезно ме прифати. Но, не очекував дека мојата популарност поради таа песна ќе трае толку долго. Бев единствено свесна дека ќе остане песната во срцата на луѓето. Не се надевав дека ќе оставам таков силен впечаток со „Кога те нема“. Мојата поврзаност со македонската музика продолжи и понатаму, во наредните години, кога имав на репертоар уште десетина македонски песни. Сега имам голема желба да издадам едно цеде со сите тие песни што ги пеам на македонски јазик – вели воодушевено русокосата Словенка Хелена.

(Д. М.) фото:архива

ИЗДВОЕНИ