Нина Бадриќ: На Македонците музиката им тече во вените, тоа е природна дарба од Бога – Пред голем скопски концерт, во Македонската филхармонија, на балканската ѕвезда

2272

Пред пристигнувањето во Скопје, на аеродромот во Дубровник, од каде што полета со авион кон македонската метропола, Нина беше во одлично друштво – со легендарниот Раде Шербеџија. Фотографијата ја сподели на социјалните мрежи. Веднаш се редеа огромен број коментари од нашите луѓе, кои воодушевено им порачаа колку ги сакаат

Балканската поп-ѕвезда, Нина Бадриќ, за недела, 27 април поканува на голема емотивна музичка дружба во Македонската филхармонија, со почеток во 20:00 часот, а во организација на „Евентум“. Пред пристигнувањето во Скопје, на аеродромот во Дубровник, од каде што полета со авион кон македонската метропола, таа беше во одлично друштво – со легендарниот Раде Шербеџија, па ја сподели таа фотографија на социјалните мрежи. Веднаш се редеа огромен број коментари од нашите луѓе, кои воодушевено им кажуваа колку ги сакаат.

Лани во октомври, Нина имаше успешен скопски концерт во истата сала, кога остави најголем впечаток со старата македонска песна „Не кажувај, либе, добра ноќ“, која ја испеа со солзи во очите, а ја сними во соработка со браќата Тавитијан, за потребите на нивниот култен албум „Македонското срце чука во 7/8“. Но не само оваа песна, на репертоарот и овој пат се и многу други безвременски хитови поради кои ја сака публиката: „Чаробно јутро“, „Дани и године“, „И мама ми је рекла то“ (Такви као ти), „Више смо од пријатеља“, „Нека ти буде као мени“, „Не дај ми да одем“… Нашата публика и сега, со сигурност кажано, тешко дека ќе ѝ дозволи на Нина да си замине од бината, да го заврши концертот без два-три биса.

Нина Бадриќ стана една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Популарната пејачка потенцира дека Македонија има многу врвни музичари и пејачи, од несреќно починатиот Тоше, па сè до Каролина Гочева, Калиопи, браќата Тавитијан и изворните народни етнопејачи.

– Честопати слушам многу македонски песни, многу ми се допаѓаат. Но не ги знам сите, па се прашувам кои се тие гении што ги пеат тие песни. Секогаш одлично се испеани. На Македонците музиката им тече во вените, тоа е жива вистина. Тоа ви е природна дарба од Бога.

Инаку, во приватниот живот, Нина пред 14 години се разведе од бизнисменот Бернард Красниќ. Семејно била исклучително блиска со својот татко, Симо. Неговата смрт длабоко ја погоди.

– Тоа е таа љубов меѓу ќерка и татко што не може да се опише, што не се искажува со зборови. Минатата година поминаа 10 тажни години од неговата смрт. Најдобриот човек што некогаш сум го запознала е мојот татко. Моја поддршка за сè. Премногу ми недостига. Да го гушнам, да му ги кажам моите грижи. Дури сакам да молчиме заедно или да шетаме во паркот. Или да ми дојде наутро, да ми свари кафе и да чека да се разбудам. Секогаш се чувствувам гордо кога ќе ми кажат луѓето дека сум била неговата вредна пчеличка – порача Нина, кришум бришејќи си ги солзите.                  Но, затоа на самиот концерт, како и секогаш, ќе има многу солзи радосници, бидејќи нејзините песни не се само песни туку и емотивни приказни од животот.

Пејачката и ова долго, топло лето ќе биде на јадранскиот остров Хвар, каде што има луксузна куќа.

– Секое лето сум на островот Хвар. Најсреќна сум што таму не морам да правам ништо што не ми е по ќеф. Ако се погоди да имам настап или некое ТВ-снимање, го прекинувам одморот на кратко и повторно се враќам на убавото сино Јадранско Море. Возам велосипед, готвам и се дружам со пријателите, со мештаните. Тогаш не сум пејачка ѕвезда, туку една нормална, природна, дружељубива, посакувана во секое друштво. Со секого правам муабет, така што нема вистина во оние приказни дека се правам важна. Мојата куќа е полна со драги луѓе. Тогаш се собираме како оние далматински клапи, покрај скара или, како што велиме ние, Далматинците, „уз граделе“, пиеме вино, јадеме риба подготвена на скара и пееме песни од клапите, до рани зори.

Треба да се доживее тоа. Токму тој едноставен живот многу ме инспирира. Затоа добар дел од песните ги имам напишано дома, на Хвар, во дворот од куќата. Најдобрата работа што ја направив е што ги избришав од мојот живот оние лоши луѓе што ми создаваа негативни чувства и мака во душата. Веќе не е така. Научив како среќно и безгрижно да живеам. Дел од таа среќа секогаш, за мене, е и мојата драга публика, која ја имам од словенечкиот Триглав до македонскиот Вардар.

(Д. М.) фото:архива

 

ИЗДВОЕНИ