Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, изјави дека сè уште нема одлучено дали ќе се кандидира за претседател на САД во 2028 година, но нагласи дека претстојните избори за Конгресот во средината на мандатот во 2026 година моментално се приоритет.
„Не сум одлучила дали повторно ќе се кандидирам“, рече Харис за време на дискусија со претставници на Националното здружение за унапредување на обоените луѓе (NAACP) во Детроит, пренесува „Фокс њуз“.
Харис го сврте вниманието кон претстојните избори во средината на мандатот, наведувајќи дека изборите во 2028 година „нема да бидат важни ако не ја поминеме 2026 година“.
Таа истакна дека моментално патува низ САД за да ги охрабри граѓаните да гласаат и да ги потсети на важноста на нивниот глас.
За време на посетата на Детроит, Харис учествуваше и на тркалезна маса со Абдул Ел-Сајед, кандидатот на Демократската партија за Сенатот од Мичиген, каде што зборуваше за здравјето на црните жени за време на бременоста и за трошоците за здравствена заштита.
При таа прилика, таа ги критикуваше здравствените политики на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и ја изрази својата поддршка за Ел-Сајед.
Харис стана кандидат на Демократската партија за претседател на САД на изборите во 2024 година, откако тогашниот претседател Џо Бајден се повлече од трката за втор мандат, пренесува „Танјуг“.












