Приведен па ослободен синоќа бил Фадиљ Пушкољи, припадник на поранешната ОВК, на граничниот премин на македонско-косовската граница Блаце, врз основа на српска потерница, објави српската агенција Танјуг.
На својот профил на Фејсбук, Пушкољи навел дека бил уапсен „поради неговото членство во ОВК“. Пушкољи, кој е сопственик на косовскиот медиум „Косова пост“, истовремено побара помош од косовските власти. Подоцна вечерта тој напиша дека, откако полицијата извршила со него разговор и испрашување, бил пуштен.
Пушколи во вечерашната објава ѝ се заблагодарува на македонската полиција и посебно на Албанците во нејзините редови.
-По разговорот и испрашувањето, бев ослободен од полицијата на Северна Македонија. Сакам да ѝ се заблагодарам на полицијата на Северна Македонија, особено на полицајците Албанци, за коректноста, почитта и доброто однесување во текот на целата постапка. Ви благодарам за коректноста и професионалноста! – напиша тој.
Официјално нема достапни информации кои би потврдиле дека Пушколи е баран од Србија, како што првично беше објавено. Македонските институции досега не соопштија ништо за вечерашното приведување на косовскиот сопственик на медиум.











