Значајни фотографии на истакнатиот турски државник Кемал Ататурк објави денеска Архивот во Битола, кој е дел на Државниот Архив. Во објавата на нивната Фејсбук-страница објавени се две фотографии на кои се гледа ликот на Ататурк како млад офицер во турската армија кој, како дел од придружбата на воената делегација престојувал во Битола, а кои се снимени од познатиот битолски кинематограф Милтон Манаки. Постоењето на фотографиите било утврдено по минатонеделната посета на Архивот во Битола од страна на Каталин Д. Константин издавач, антрополог и професор на Универзитетот во Букурешт, Романија. Архивот и Каталин ги споила првично работата на Браќата Манаки која тој веќе подолго ја истражува. При неговата посета фокусот повторно беше ставен на нивното дело и архивското културно наследство кое се чува во Архивот.
Во објавата се наведува дек за време на престојот на Каталин Констатин се наметнала дилемата дали Милтон Манаки некогаш го фотографилрал Кемал Ататурк.

-Разговорите околу делото и работата на Браќата Манаки со Каталин се секогаш инспиративни и неисцрпливи. Во еден таков контекст се наметна и едно неодговорено прашање кое се поставува од кога материјалот од Милтон е примен во Архивот: Дали Милтон навистина го фотографирал Кемал Ататурк? На фотографиите односно стаклените плочи под број 515 и 1417 во описот стои дека се работи за ученици од воената гимназија со Кемал Ататурк. Иако е очигледно дека на овие фотографии се фотографирани ученици во воената гимназија ниту едно од лицата не наликува на млад Кемал Ататурк. До тој заклучок дошле и сите истражувачи, домашни и странски кои го истражувале фондот на браќата Манаки. Меѓутоа сепак Милтон тврдел и бил сигурен дека има фотографија од Ататурк некаде во ателјето – се наведува во објавата.

Се додава дека дилемата била расчистена минатата недела кога по плодни разговори на темата Каталин предложи дека можеби Кемал не треба да се бара во раните години на работата на Браќата Манаки туку подоцна, во некоја од посетите кои ги остварил по дипломирањето.

-Прашањето е одговорено – Да. Архивот поседува најмалку две фотографии на кои се гледа ликот на Кемал Ататурк. Фотографиите се направени при посета на воена делегација на Битола предводена од Колман вон дер Голц, познат и како Голц паша. Во позадина на придружбата се гледа впечатливото лице на младиот Кемал кој веројатно бил дел од воената придружбата која имала за задача да направи увид во воената способност на битолските касарни. Овие значајни фотографии ќе бидат тема на темелни истражувања во иднина а Архивот со помош на своите соработници ќе продолжи со својата мисија за промовирање на значајниот архивски материјал кој го чува во своите депоа. Приказната за Кемал Ататурк веројатно не завршува тука, се надеваме дека во скоро време ќе имаме можност да презентираме уште материјали за неговиот престој во Битола се наведува во објавата на Архивот во Битола. (Б.Ѓ.)












