Еден од најдобрите српски кошаркари, Никола Калиниќ (34), стави крај на професионалната кариера. Србинот првпат проговори по изненадувачката одлука и објасни дека, по 17 години, дојде моментот да каже „доста“. Калиниќ истакна дека имал неверојатна среќа да го оствари речиси сè што посакувал – да патува низ светот, да стекне пријателства, да освојува титули и да ужива во натпреварувањето.

Во емотивната порака тој им се заблагодари на соиграчите, тренерите, клубовите и навивачите кои биле дел од неговото патување. Призна дека во кариерата правел грешки и дека не било секогаш лесно да се соработува со него, но нагласи дека секогаш останувал верен на своите принципи и никогаш не се откажувал.

  • Секогаш верував дека на следниот натпревар ќе бидам подобар и попаметен, порача Калиниќ.

Во богатата кариера, Калиниќ освои две АБА-лиги, две титули во српското првенство и четири Купа на Радивоје Кораќ со Црвена звезда, додека најголемиот европски успех го оствари со Фенербахче, со кој во 2017 година ја освои Евролигата.

Иако заминува од кошаркарскиот терен, неговата приказна со Црвена звезда продолжува. Калиниќ ќе остане во белградскиот клуб како помошник-тренер и ќе започне ново поглавје во кариерата, овој пат во стручниот штаб.

ИЗДВОЕНИ