Луис Хамилтон јавно ги демантираше информациите на италијанските медиуми дека побарал од Ферари да направи промени во својот тим. Седумкратниот светски шампион реагираше преку социјалните мрежи по написите дека вршел притисок врз шефот Фред Васер да замени одредени членови на екипата.

По трките во Монца и Мадрид, Хамилтон се најде на 101 бод зад лидерот во шампионатот, Кими Антонели, додека резултатите на Ферари во последниот период предизвикаа дополнително незадоволство.

  • Видов дека кружат разни приказни и сакам да ја разјаснам ситуацијата. Никогаш не сум побарал да се замени кој било член на мојот тим. Сите со кои работам, секој ден вложуваат огромен труд и нивната посветеност нè движи напред, порача Хамилтон.

Британецот додаде дека неговата цел отсекогаш била да ги охрабрува луѓето со кои работи, а не да бара нивна смена. Тој нагласи дека сите во Ферари мора да продолжат да работат заедно доколку сакаат да ги подобрат резултатите.

Тензиите во тимот се зголемија по трката во Монца, кога Хамилтон излета во песочната зона уште во првиот круг по дуелот со тимскиот колега Шарл Леклер. По трката, Британецот побара да се воспостават јасни правила меѓу двајцата возачи.

  • Одговорноста започнува со Фред Васер, порача тогаш Хамилтон, по што Ферари одржа разговори со своите возачи. Леклер подоцна ја призна вината за инцидентот.

Во меѓувреме, Хамилтон минува низ тежок период кога станува збор за резултатите. Британецот не успеа да се искачи на подиумот на последните пет трки, што дополнително го зголеми притисокот врз него и Ферари.

 

ИЗДВОЕНИ