Австралискиот тенисер Ник Кирјос се најде во голем проблем откако беше позитивен на кокаин и доби привремена суспензија. Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ITIA) потврди дека примерокот што Кирјос го дал на 22 јуни за време на турнирот во Мајорка содржел бензоилекгонин, метаболит на кокаинот.
Поранешниот 13. тенисер во светот е суспендиран од 4 август, а мерката значи дека во моментов не смее да игра, да тренира или да присуствува на гренд слем турнирите и останатите натпреварувања под покровителство на тениските организации. Кирјос има право да поднесе жалба на одлуката, но засега не го искористил тоа право.
Австралиецот, преку социјалните мрежи, призна дека направил „огромна грешка“ и порача дека презема целосна одговорност за своите постапки. Ова е нов удар за Кирјос, кој и без суспензијата имаше исклучително тешка сезона поради серијата повреди. Проблемите со коленото и зглобот сериозно му го ограничија настапот, па оваа сезона одигра само четири меча во поединечна конкуренција.
Последниот настап на Кирјос беше на Вимблдон, каде што во конкуренција на двојки настапи со Александар Бублик, но двајцата беа елиминирани уште во првото коло.
Сега неговото враќање на терените е дополнително неизвесно, а Кирјос ќе мора да го реши и дисциплинскиот проблем доколку сака повторно да се натпреварува на највисоко ниво.











