Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која истакна дека со закон може да се регулираат надворешните дејствија, но не и внатрешните мотиви на луѓето, акцентираше дека од сега па натаму, во нашата индивидуална и колективна меморија, 16 март – денот на кочанската трагедија и 17 март – денот на Црвениот крст ќе бидат врежани како датуми во кои страдањето и солидарноста, тагата и утехата, болката и хуманоста ќе бидат нераздвојно поврзани
Под слоганот „Ние гледаме луѓе“, Црвениот крст, вчеравечер, со свечена академија, одбележа 80 години постоење. Одбележувањето се одржа под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која истакна дека со закон може да се регулираат надворешните дејствија, но не и внатрешните мотиви на луѓето. Таа акцентираше дека од сега па натаму, во нашата индивидуална и колективна меморија, 16 март – денот на кочанската трагедија и 17 март – денот на Црвениот крст ќе бидат врежани како датуми во кои страдањето и солидарноста, тагата и утехата, болката и хуманоста ќе бидат нераздвојно поврзани.
-Бидејќи човековото срце чука според ритамот на многу поразличен, етички закон на хуманоста којашто ги поврзува луѓето од различни вери, светогледи и епохи, подвлече претседателката.
Сиљановска Давкова потенцираше дека во изминатите 30-тина години како држава и како општество се соочивме и со многу внатрешни кризи предизвикани, меѓу другото, и од неправедните блокади на нашиот европски пат.
-Овие неправди создадоа услови за партизација на институциите, етнизација на политиката, поларизација на општеството и безмилосна трка за профит и за моќ, во којашто малкумина се добитници, а многумина губитници. Социјалната нееднаквост и општествената недоверба го обесхрабрија волонтерството. Иако се гордееме дека сме татковина на Мајка Тереза, сепак, меѓу последните сме во Европа според нивото на волонтерство и на активизам, истакна претседателката.
Претседателот на Црвен крст, Ромео Велев, потсети дека нивното патување почнало во 1945 година, веднаш по Првото заседание на АСНОМ, со основачкото собрание на 17 март. Како што нагласи тој, од тие скромни почетоци до денес, оваа организација ја одразува историјата на нашата земја и нејзините граѓани. Потенцира дека во текот на овие осум децении, Црвениот крст на Македонија не беше само сведок, туку и активен учесник и столб на поддршка во најтешките мигови.
-Од грижата за бегалците по Втората светска војна, до помошта за стотици илјади бегалци и раселени во воените конфликти на Балканот, па сè до соочување со современите предизвици како мигрантската криза и пандемијата на ковид-19, нашата посветеност никогаш не ослабна. Во природните катастрофи – како катастрофалниот земјотрес во Скопје, големите поплави низ земјата, земјотресите и катастрофите во соседните и подалечните земји – секогаш бевме на првата линија на помошта. Кога земјата се тресеше, кога водата носеше домови, кога огнот голташе села, ние не прашувавме – туку дејствувавме – рече Велев.
Тој истакна дека овој јубилеј не е само прослава на минатото, туку е и повик за иднината.
Генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити, заклучи дека сè што правиме за себе исчезнува со нас, а сè што правиме за другите останува како трајна вредност што живее и по нас.
-Како и до сега, и утре, и секогаш — ние ќе гледаме луѓе. Нека оваа вечер не заврши со аплауз – туку продолжи во нашите срца, како повик да бидеме подобри, попосветени и похрабри. Сè што правиме за себе исчезнува со нас, а сè што правиме за другите останува како трајна вредност што живее и по нас – нагласи Саити.
На свечената академија присуствуваа и, претседателот на Собранието Африм Гаши, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, амбасадори, пратеници, градоначалници, претставници на Владата, правосудството, државните и образовните институции.
Герасимовски: Услугата „Итно копче“ позитивно оценет од центарци
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека во изминатите години, во соработка со Црвениот крст се подобрил квалитетот на живот на центарци.
-Проектите: „Итно копче“, бесплатниот транспорт на лица со попречености, редовните крводарителни акции и едукациите за прва помош во училиштата и градинките се позитивно оценети од жителите на Центар. Горд сум што нашата соработка сè повеќе се зајакнува и продолжуваме заеднички да ја подобруваме заедницата и да помагаме на луѓето. Центар продолжува да биде општина на солидарноста и на хуманоста, истакна Герасимовски.