недела, јули 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Невработеноста на историски најниско ниво, под 90 илјади

Невработеноста на историски најниско ниво, под 90 илјади

280

Овој месец ќе се обелодени новиот оперативен план за вработување, а Министерството за економија и труд анализира – лани бил успешно спроведен планот и преку 60 проценти од младите до 29 години нашле работа преку владините мерки, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

– Ефектите се одлични. Процентот на реализација на оперативниот план минатата година е над 92 отсто. Мерките во оперативниот план ги искористиле околу 12.100 лица, од кои преку 60 проценти се млади лица до 29 години. Преку најактивната мерка, самовработување, се вработиле 2.600 лица – вели Ристески.

Македонија стигна до најниското ниво на невработеност, под 90.000, а највисоко на вработено работоспособно население, над 910.000.

– Минатата година имаме отворено 15.000 работни места. Тоа се должи на одличните владини политики, на странските инвестиции во ТИРЗ-зоните и на реинвестирањето на домашните компании. Секако, тука се зголемувањето на обемот на работа и квалитетот на новите работни места. Исто така, тоа се должи и на активните мерки што ги има не само Министерството за економија и труд туку и другите министерства и владини институции, кои им помагаат на невработените луѓе побрзо да најдат работа, особено на младите до 29 години. Овие бројки се историски. Првпат имаме под 90.000 регистрирани невработени лица, а бројот на вработени лица во Македонија првпат изнесува над 710.000 од работоспособното население. Да споменам дека и тој број од 90.000 невработени не е реален ако исклучиме околу 30.000 што се занимаваат со земјоделство, а се пријавени во Агенцијата за вработување како невработени, а во работоспособното население, по статистика, се и оние што учат средно училиште – од 16 до 18 години, а знаеме, во Македонија е задолжително средното образование. Тука би отпаднале од 5.000 до 10.000 лица. Па, реалниот број на невработени во Македонија би изнесувал 40-45.000 невработени или тоа е околу 5 проценти од работоспособното население, што е историски најнизок процент на невработени работоспособни луѓе во Македонија – анализира Ристески.

Ристески вели дека ќе има новитети во оперативниот план, но ќе бидат познати по неговото усвојување.

– Не можам да зборувам за новитетите пред усвојувањето на оперативниот план. Но, во него ќе се пронајдат многу млади лица, зашто целта е таа: да ги задржиме младите во Македонија, но и сите невработени лица што се заведени во Агенцијата за вработување – вели Ристески.

Според Ристески, потребна е поголема соработка помеѓу компаниите и стручните училишта и воопшто образованието за да се стигне до потребните стручни кадри на пазарот на трудот.

– Овој пат, многу поголем проблем е наоѓањето квалитетни стручни кадри на пазарот на трудот. Во прашање се две причини. Прво, малиот наталитет, а второ е поголемиот процент на иселување, во последните години, на работоспособното и стручно население од Македонија во странство – смета Ристески.

Ќе има бенефиции за задржување на работоспособните во земјава, особено на младите.

– Една од мерките понатаму ќе биде и стратегијата преку одредени бенефиции и поволности да се вратат работоспособните млади луѓе што се иселиле, да продолжат да живеат и да работат и да егзистираат во Македонија. Би го повикал и стопанството да биде поактивно на пазарот на трудот и лицата што ќе го завршат образованието да може да ги пресретнат и да им овозможат вработување во компаниите во приватниот и во јавниот сектор за да не се дозволи да завршат овие кадри надвор од државата. Во тој контекст, ќе придонесат и зголемувањето на квалитетот на дуалното образование и законските промени во средното и во високото образование – заклучува Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд.

ИЗДВОЕНИ