Падот на индустриското производство во Македонија продолжува, а рударството останува една од гранките што најсилно го чувствуваат економскиот притисок. Според последните податоци, индустриското производство во март годинава било намалено за 6,2 проценти во однос на тој месец лани, а од ресорното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) предупредуваат дека дополнително може да се влоши состојбата во секторот ако државата не отвори простор за нови инвестиции и за нови рударски капацитети.
Државниот советник за рударство во МЕРМС, Филип Петровски, вели за весникот ВЕЧЕР дека не е изненадување падот, имајќи предвид дека Македонија со децении нема отворено нов значаен рудник за металични минерални суровини.
– Во последните 40 години не е отворен ниту еден поголем рудник во Македонија, особено кај металичните минерални суровини, кои се носители на БДП во рударството. Со текот на времето, со експлоатацијата на постојните рудници, се намалуваат и количеството и квалитетот на минералната суровина. Тоа директно влијае врз производството и ако во следните години нема отворање нови рудници, ќе имаме сериозен пад на целокупниот сектор – вели Петровски.
Тој потсетува дека македонското рударство во моментов практично се потпира на неколку активни рудници: „Бучим“, „Саса“, „Злетово“ и „Тораница“.
– Тие рудници не можат да работат вечно. Резервите постепено се трошат, а без нови инвестиции и истражувања, Македонија ќе се соочи со дополнително намалување на производството – додава Петровски.
Во јавноста, во изминатиот период се отвори и прашањето дали рударството станува сектор од кој работниците масовно заминуваат поради условите за работа и платите. Но, Петровски тврди дека состојбата е поинаква и дека во дел од рудниците дури има и враќање на работниците што претходно заминале во странство.
– Рударите дефинитивно не заминуваат. Напротив, имаме луѓе што се враќаат од странство и повторно работат во македонските рудници. Перцепцијата за рударството е многу погрешна. Денес рудниците работат со современа опрема и механизација, а условите не се како пред 20 или 30 години – вели Петровски.
Тој посочува дека платите во секторот, во последните години, се зголемени за 14 до 16 проценти.
– Во рудникот „Саса“, на пример, просечната плата достигнува околу 73.000 денари. Во некои рудници платите се и повисоки, зависно од позицијата и од сложеноста на работата – истакнува Петровски.
Во новата Стратегија за минерални суровини 2026–2046, изработена од МАНУ, се наведува дека Македонија има сериозен потенцијал за развој на рударството и на минералната индустрија. Во документот се посочува дека треба да се промовира земјава како лидер во регионот, во областа на рударството и истражувањето минерали, а домашните компании да работат во партнерство со универзитетите и со научните институции.
Стратегијата нагласува дека Македонија располага со значајни минерални ресурси, но дека се потребни инвестиции, современи технологии, обучен кадар и јасна регулатива за секторот да стане двигател на економскиот развој. Во документот се наведува и дека проширувањето на рударската индустрија би значело големи инвестиции во делови од државата каде што со години нема посериозен економски развој и индустриски капитал.
Инаку, деновиве дополнителна вознемиреност во рударските градови предизвикаа информациите за можноста за затворање на рудниците „Злетово“ и „Тораница“, каде што би можеле да бидат погодени околу 800 работници. Поранешниот министер и актуелен пратеник, Оливер Спасовски, предупреди од собраниската говорница дека, според информациите со кои располага, двата рудници би можеле да бидат затворени до крајот на мај.
– Имам информација дека рудниците „Злетово“ и „Тораница“ ќе бидат затворени и дека по 400 луѓе во Пробиштип и од Крива Паланка ќе останат без работа. Тоа ќе биде директен удар врз локалната економија и врз стотици семејства – рече Спасовски.
Тој ја обвини Владата за лошо управување со економските политики и за намалување на странските инвестиции.
– Владата постојано зборува дека Македонија е меѓу најбрзо растечките економии, а во реалноста се соочуваме со опасност од затворање рудници и од губење работни места – изјави Спасовски.
Неговите ставови отворија и нови политички полемики, особено околу односот на претходната Влада кон рударските инвестиции. Во јавноста повторно беше актуализиран случајот со рудникот за бакар во Иловица. Во 2023 година, Владата првично донесе одлука за спојување на концесиите за рудникот, повикувајќи се на позитивно мислење од Министерството за економија и пресуда од Управниот суд. Но, само неколку дена подоцна, владината одлука беше повлечена и проектот беше стопиран. Тогашниот министер за економија, Крешник Бектеши, изјави дека станува збор за политичка одлука со која не се согласува, но ќе ја почитува.
По Иловица, нови поделби во јавноста предизвика и можноста за отворање рудник за антимон во Крива Паланка. Прашањето стана актуелно откако Соединетите Американски Држави изразија поддршка за геолошките истражувања на потенцијалните наоѓалишта.
Дел од опозициските структури остро се спротивставија на идејата, но градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, отворено застана зад истражувањата, нагласувајќи дека градот не смее да дозволи дополнително економско слабеење.
– Платата во „Тораница“ се движи од 60 до 90 илјади денари, зависно од работното место. Ова го зборувам во услови кога рудникот веќе има значителен пад на производството. Ако се затвори „Тораница“, 400 семејства ќе останат без егзистенција и тоа ќе биде сериозен економски удар за Крива Паланка – изјави Митовски.
Тој потврди дека разговарал и со премиерот Христијан Мицкоски токму за состојбата со рудникот.
– Единствената комуникација што ја имав со премиерот беше за интересот на градот и за стравувањата околу можното затворање на „Тораница“ – рече Митовски.
(С. Бл.)












