Џефри Лонг, радиотерапевт од Кентаки и основач на фондација за истражување на искуства блиску до смртта, по повеќе од 25 години работа тврди дека постои живот по смртта. Во есеј за „Инсајдер“, тој објаснува дека до ова верување дошол како научник и скептик, а не од лични убедувања.

Неговата приказна започнува пред повеќе од три децении, кога како млад специјализант по онкологија истражувал медицинска литература. Случајно наишол на текстови за пациенти кои биле клинички мртви, а потоа оживеале, притоа раскажувајќи детали за искуства што не можеле лесно да се објаснат. Тоа го натерало да се запраша дали границата меѓу животот и смртта е навистина толку јасна.

Со текот на времето, Лонг собрал илјадници сведоштва и забележал дека, иако секое искуство е уникатно, постојат заеднички елементи. Околу 45% од луѓето опишуваат дека ја напуштиле својата физичка форма и го набљудувале сопственото тело одозгора. Во тие моменти, велат дека можеле да гледаат и слушаат што се случува околу нив, дури и кога биле без свест.

По ова, често следува опис на „патување“ низ тунел кон силна светлина. Многумина велат дека таму се сретнале со починати членови од семејството, па дури и со домашни миленици. Речиси сите опишуваат чувство на длабок мир, љубов и припадност, како да се вратиле „дома“.

Интересно е што слични искуства пријавуваат и деца, кои според Лонг, тешко дека биле под влијание на културни претстави за смртта. Дополнително, има случаи каде што луѓе опишале настани што подоцна биле потврдени од други сведоци, иако тие физички не биле присутни.

Лонг тврди дека, и покрај бројните научни обиди, не постои убедливо физичко или невролошко објаснување за овие феномени. Тој разгледал теории поврзани со мозочна активност, халуцинации и недостаток на кислород, но смета дека ниту една не ги објаснува целосно искуствата.

Покрај класичните искуства блиску до смртта, тој проучувал и ситуации кога луѓето за малку избегнале смрт. Во тие моменти, често се јавува чувство дека целиот живот „им поминува пред очи“, со детали од детството кои подоцна биле потврдени од семејството.

Иако неговите заклучоци се контроверзни, Лонг нагласува дека неговата примарна работа останува лекувањето на пациенти со рак. Сепак, ова истражување го направило поемпатичен лекар и му помогнало подобро да им помогне на пациентите да се соочат со тешки дијагнози.

Од друга страна, науката прецизно го објаснува процесот на физичка смрт. Веќе во првите денови по смртта, микробите почнуваат да го разградуваат телото, создавајќи гасови и предизвикувајќи оток. Недостатокот на кислород доведува до брзо распаѓање на мозокот, а потоа и на останатите органи.

Со текот на времето, ткивата се претвораат во течна маса, а по неколку месеци телото ја менува бојата поради хемиски процеси. По години и децении, остануваат само коски, кои постепено се распаѓаат и на крај се претвораат во прашина.

Интересен факт е дека забите се најиздржливиот дел од човечкото тело и можат да опстанат најдолго по смртта. Овој контраст меѓу распаѓањето на телото и мистеријата околу свеста го прави прашањето за животот по смртта едно од најголемите нерешени прашања на човештвото.

ИЗДВОЕНИ