Сезоната во Формула 1 само што започна, се извозеа две трки на кои Мерцедес доминантно победи, но денес овој тим е под истрага на ФИА. Прашањето за односот на компресијата во Формула 1 сè уште не е целосно затворено, а лидерот моментално е под лупа.
Иако ФИА ќе ја затвори добро познатата дупка во законот во врска со употребата на компресорите од 1 јуни, отворена е нова тема: предното крило на „сребрените стрели“. Наместо да се гледа погонската единица AMG M17 E Performance во болидот W17, фокусот сега е на аеродинамиката на предното крило на болидот за сезоната 2026.
По Големата награда на Кина, правилата бараа од тимовите јавно да ги објават своите дизајни, што ѝ овозможи на ФИА, но и на конкурентите, да ги анализира концептите на новите болиди. Мерцедес наводно е под истрага на ФИА поради своето подвижно предно крило, кое работи на таканаречениот двостепен принцип.
Имено, затворањето на крилото се одвива во две фази: првата е во согласност со ограничувањето од 400 милисекунди, пропишано со правилата од 2026 година, што го задоволува сензорот, кој ги следи подвижните аеродинамични елементи.
Сепак, постои и втора команда, онаа што ги доведува елементите на крилото до целосно затворање и го продолжува вкупното време на затворање над дозволените 400 милисекунди.
На Интернет веќе може да се најдат снимки што го прикажуваат активирањето на овој систем на Мерцедес и работата на двостепеното крило, што укажува на можна неправилност за која ФИА ќе мора да донесе одлука.
Се верува дека ова решение го намалува ефектот од ненадејното префрлање на товарот на предниот дел од болидот непосредно пред сопирањето, со што се подобрува рамнотежата на возилото во клучната фаза при влегување во кривина.
Првично се веруваше дека барањето за појаснување на правилата е поднесено од тимот на Ферари, според италијанскиот медиум „Авторејсер“. Сепак, Скудерија го негираше ова.
Според информациите добиени од „Мотоспорт“, барањето, најверојатно, дошло од друг тим, кој засега останува анонимен. Се очекуваат повеќе детали пред тркачкиот викенд во Сузука.
Случајот сега е во рацете на техничкиот оддел на ФИА, на чело со Николас Томбазис. Претстојниот викенд во Сузука ќе треба да донесе решение за да се избегнат понатамошни контроверзии.











