недела, јули 26, 2026
Дома СВЕТ Нетанјаху: Иран мора да ја прекине својата нуклеарна програма, ја поддржувам политиката...

Нетанјаху: Иран мора да ја прекине својата нуклеарна програма, ја поддржувам политиката на Трамп

0
epa11767048 Israeli Prime Minister Benjamin Netanyahu speaks during a press conference in Jerusalem, 09 December 2024. EPA/MAYA ALLERUZZO / POOL POOL PHOTO

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Иран мора да се откаже од својата нуклеарна програма, оценувајќи дека целта на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп е да го натера Техеран да го промени курсот, а во исто време да ја поддржи можноста за договор со Саудиска Арабија за цивилна нуклеарна енергија со нормализација на односите меѓу Ријад и Тел Авив.

Нетанјаху во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека ги поддржува напорите на Трамп да го реши прашањето со Иран дипломатски доколку е можно, но нагласи дека нуклеарната програма на Техеран мора да биде запрена „со или без договор“.

„Со или без договор, таа мора да заврши“, рече Нетанјаху.

Тој оцени дека израелските и американските воени операции ја „вратиле назад неколку години“ иранската нуклеарна програма, наведувајќи дека, според неговите тврдења, биле погодени клучни научници и објекти.

„Тоа не значи дека не можат да се обидат да ја обноват, но ние ги вративме назад неколку години“, рече израелскиот премиер.

Тој, исто така, предупреди дека Иран ќе направи „голема грешка“ ако повторно го нападне Израел, директно или преку сојузниците во регионот, наведувајќи дека одговорот на Израел ќе биде „многу силен“.

Зборувајќи за Либан, Нетанјаху рече дека Израел го ослабнал либанското милитантно движење Хезболах и оцени дека договорот со либанската влада би можел да претставува чекор кон стабилност.

Според него, Хезболах претходно претставувал сериозна закана за Израел, но израелските операции значително ја ослабнале организацијата.

Нетанјаху рече дека договорот постигнат со посредство на САД предвидува сузбивање на Хезболах, демилитаризација на јужен Либан и разоружување на движењето.

Зборувајќи за Саудиска Арабија, израелскиот премиер оцени дека американскиот претседател бил во право што го поврзал пристапот до американската цивилна нуклеарна технологија за Ријад со нормализацијата на односите со Израел.

„Претседателот Трамп е апсолутно во право што го поставил тој услов – Саудиска Арабија би добила цивилна нуклеарна програма во замена за нормализација на односите со Израел“, рече Нетанјаху.

Тој нагласи дека станува збор исклучиво за цивилна нуклеарна енергија и дека Израел, како и САД, не сака Саудиска Арабија да развива воена нуклеарна програма.

Нетанјаху потсети дека за време на првиот мандат на Трамп, биле постигнати четири договори за нормализација на односите меѓу Израел и арапските држави, познати како Авраамови договори, оценувајќи дека нивното проширување кон Саудиска Арабија би бил историски настан.

ИЗДВОЕНИ