Под влијание на атмосферски фронт со поладен воздух на висина, и на влажна и на нестабилна воздушна маса од северозапад, на ден понеделник 27 јули во Македонија времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локална појава на повремен пороен дожд, грмежи и со засилен ветер, најави Славчо Попоски.
Локално атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер (над 60 км/час) електрични празнења и со услови за локална појава на град.
И во Скопје и околината времето на ден понеделник 27 јули ќе биде променливо облачно, а во делови од регионот и од котлината ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на краткотрајно невреме.
Што се однесува до температурите, тие наутро ќе се спуштаат во интервалот од 10 до 18 степени, а максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 36 степени.
Во Скопје и околината утринската температура на ден понеделник 27 јули ќе се спушти до околу 17 степени, а максималната температура ќе се искачи до околу 31 степен, вели Попоски.












