Кризата со домувањето доведе десетици илјади, претежно млади луѓе, на улиците во 50 градови во Шпанија. Гневот на демонстрантите можеби најдобро се сумира со транспарент од протестен камп во Мадрид: „Можете да шпекулирате со часовници, накит, криптовалути и ферари. Но, не и со нашите домови“. Шпанскиот премиер, Педро Санчес, притиснат од протестите, кои не се смируваат, распиша вонредни избори. Во Франција, полицијата испука солзавец против демонстрантите кои ги блокираа француските средни училишта. На учениците им се придружија наставниците и родителите во протестите поради недостиг на персонал и дотраени училишни објекти. Францускиот премиер Себастијан Лекорни им наложи на министрите да се справат со главните барања на учениците.
Иако произлегуваат од различни специфични проблеми, протестите во Шпанија и Франција, кои главно ги водат млади луѓе, укажуваат на поширок модел во Западна Европа. Меѓу младите луѓе, според „Гардијан“, расте чувството дека основната социоекономска сигурност што ја имале нивните родители, главно, им се губи. Во Шпанија, наглиот пораст на кириите, шпекулациите со недвижности, бумот на краткорочните туристички изнајмувања и стагнацијата на платите го направија независниот живот сè понедостижен за многу млади работници, додека државата не се смета за неутрален посредник, туку за активен олеснувач на шпекулациите со недвижности. Протестите во Франција почнаа уште во септември и оттогаш учениците редовно отсуствуваат од часови затоа што отсуствата на наставниците не се надоместуваат, смените се меѓу најдолгите во Европа и траат од осум наутро до шест навечер, се учи во згради со покриви што протекуваат, со лебарки и со тавани што се уриваат.
Сепак, без парламентарно мнозинство и соочени со различни степени на буџетски ограничувања, ниту една од владите нема многу простор за маневрирање, истакнува „Гардијан“ и додава дека гледано заедно, овие две кризи укажуваат на некои од клучните проблеми со кои се соочуваат владите на политичкиот центар. За тоа време, радикализираните опозициски партии активно го користат незадоволството за политички цели. Членот на радикалната левица, Жан-Лук Меланшон во Франција, отворено застана на страната на демонстрантите, додека во Шпанија левичарските партии Подемос и Сумар директно го обвинија неконтролираниот финансиски капитализам за кризата со домувањето. Ситуацијата ја користи и популистичката крајна десница, која игра на картата на законот и редот.
Националното собрание на Марин Ле Пен во Франција користи снимки од запалени барикади за да ги обвини центристичките лидери за толерирање на „неконтролирано насилство“, додека шпанската крајна десница Вокс застана на страната на главната опозициска конзервативна Народна партија во критикувањето на пакетот мерки за итни случаи на Санчес, прикажувајќи го како прекумерно мешање на државата што ги казнува сопствениците на недвижности. Притиснати од двете страни, владите на политичкиот центар се соочуваат со сè потежок предизвик. Кога цела генерација заклучува дека постојната социјална рамка не ѝ гарантира ниту прифатливи станови ниту функционални училишта, политичката поддршка почнува да опаѓа, а како што истакнува „Гардијан“, етаблираните европски партии ризикуваат да го изгубат легитимитетот.












