Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека е неопходно да се инвестира во модерни системи за наводнување, подобро планирање и поефикасно користење на водните ресурси, следејќи ги европските стандарди и добри практики. Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, посочи дека климатските ризици бараат нов интегриран систем за управување со водите, подобра координација меѓу институциите, засилена примена на европското законодавство и долгорочни политики засновани врз научни податоци и реални потреби. Амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, потврди дека интегрираното управување со водите носи конкретни придобивки за животната средина, земјоделството и локалниот развој
Водата претставува стратешки ресурс, чија заштита и одржливо управување се од суштинско значење за економскиот развој, безбедноста на храната, заштитата на животната средина и благосостојбата на граѓаните.
Ова беше една од клучните пораки од заедничката 7. сесија на Работната група 5 – Животна средина (Поглавје 27) и 14. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), што денеска се одржа во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека управувањето со водните ресурси мора да биде поставено високо на агендата на националните политики.
– Климатските промени веќе имаат директно влијание врз земјоделското производство и достапноста на водата. Затоа е неопходно да инвестираме во модерни системи за наводнување, подобро планирање и поефикасно користење на водните ресурси, следејќи ги европските стандарди и добри практики – рече Трипуновски, нагласувајќи дека тоа за Владата е стратешка цел и веќе инвестира во изградба на стабилен систем за наводнување преку градење на нови и реконструкција на постојните брани и хидросистеми.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, посочи дека климатските ризици бараат нов пристап во управувањето со водите.
– Безбедноста на водата веќе не е само еколошко прашање, туку прашање на развој, економска конкурентност, безбедност и јавно здравје. Затоа е неопходен интегриран систем за управување со водите и подобра координација меѓу институциите, засилена примена на европското законодавство и долгорочни политики засновани врз научни податоци и реални потреби – истакна Хоџа.
Тој додаде дека водата е јасен пример оти современите предизвици не можат да се третираат изолирано, бидејќи, како што рече, водата е бесценет ресурс и нашата заедничка одговорност е да ја зачуваме за наредните генерации.
Амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, ја нагласи важноста на регионалната и европската соработка во справувањето со климатските предизвици.
– Искуствата на земјите членки покажуваат дека интегрираното управување со водите носи конкретни придобивки за животната средина, земјоделството и локалниот развој. Европската Унија останува силен партнер на Македонија во процесот на усогласување со европските политики и стандарди – рече Хрицова.
Во рамките на трите тематски панели се дискутирало за европските политики за водна безбедност, потребата од поголема отпорност кон климатските промени, интегрираното управување со водите во функција на земјоделството и руралниот развој, како и за можностите што ги отвора дигитализацијата во управувањето со водните ресурси.
Учесниците се согласија дека е неопходно да се зајакне меѓусекторската координација меѓу институциите надлежни за животна средина, земјоделство, водостопанство и локален развој, како и да се подобри размената на податоци и интероперабилноста на системите.
Во заклучните согледувања беше нагласено дека Македонија треба да продолжи со усогласувањето со европското законодавство во областа на водите, да ги зајакне институционалните капацитети за управување со климатските ризици и да инвестира во дигитални решенија што ќе придонесат за поголема транспарентност, ефикасност и одржливост на јавните политики.
Препораките и заклучоците од вчерашната сесија ќе бидат доставени до надлежните институции и ќе претставуваат придонес во процесот на подготовка на Македонија за членство во Европската Унија.
Настанот, организиран од Европското движење во Република Северна Македонија, беше посветен на темата „Европските политики за вода во ерата на климатските промени: можностите за интегриран и мултисекторски пристап во Република Македонија“ и собра претставници на институциите, академската заедница, граѓанскиот сектор, земјоделските организации и меѓународните партнери.












