Популарното списание „Археолоџи магазин“ (Archaeology Magazine) неодамна направи прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија. Ова е едно од најчитаните светски списанија во областа на археологијата, така што вклучувањето македонски артефакти во него претставува врвна афирмација на нашето културно наследство.
Во најновиот број на „Археолоџи магазин“ е објавен напис за древните модели на куќи во светот, со посебен осврт на оние откриени во Македонија. За овој прилог, консултиран е археологот Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, кој во разговор со уредникот на списанието ги акцентираше најважните општествени промени во неолитот и нивните симболички рефлексии врз материјалната култура. Притоа, истакнат е обредниот карактер на неолитските куќи. кој бил отелотворен токму преку антропоморфните модели на куќи, прво изработени во Пелагонија, а потоа и во другите региони на Македонија.
Прилогот во ова списание воедно ја образложува и функцијата на антропоморфните модели како комеморативни ламби, користени во чест на основачите на неолитските куќи и на оние што духовно се грижеле за нив.
Прилогот за овие предисториски артефакти од Македонија предизвикува големо внимание меѓу читателите во светот, што воедно го демонстрира љубопитството на светската јавност за нивната загадочна улога. Интересот на едно вакво врвно списание за нашите антропоморфни модели покажува дека тие се соодветно презентирани во истакнатите меѓународни публикации, од страна на неколкумина македонски археолози. Сепак, неопходна е уште поголема афирмација и заштита на едни од најуникатните артефакти во Македонија, кои заслужуваат уште поголемо присуство во светската јавност. Во секој случај, и овој прилог на „Археолоџи магазин“ прави голем чекор кон приближување на овие извонредни предисториски предмети кон љубителите на минатото и отвора нови порти за нивно натамошно меѓународно презентирање и проучување.












