Сведокот Мартин Саздов, скршен од болка, во судницата ги раскажа последните мигови на Ивана и Катја – додека чекал пред влезот, преку повик со вклучена камера накратко ја видел Ивана со детето на балконот, по што истрчал кон зградата, а во истиот момент слушнал силен удар. „Ивана беше во крв, продолжив кон влезот по Катја, но ја видов и нејзе… И толку беше“, сведочеше тој, по што емоционално се скрши и не можеше да ги сопре солзите.
Она што сведокот Мартин Саздов го кажуваше одговарајќи на прашањата на обвинителката Адела Бојчевиќ е вистинска приказна со трагичен крај.
27 годишното момче, кое во судницата дојде со својата мајка, беше скршено од болка по својата загубена љубов, во еден момент, му се слоши од болните сеќавања, а веќе на последните прашања кога требаше да ги пренесе последните моменти од животот на Ивана и Катја, емоционално падна, плачеше и неможеше да ги смири чувствата.
Додека Саздов ги пренесуваше страдањата на мајката и ќерката од ќотекот, навредите и заканите на Стојанче – тој, од обвинителното столче, мафташе со главата, на пати се смееше… А кога го слушна последниот одговор на сведокот – дека не сакал да ги погледне кога двете паднале на плочникот, почна неконтролирано да пелчети и плаче.
„Ивана му ѕвонеше додека чекавме пред влезот, тој и се јави еднаш и потоа го стави телефонот во џеб, му ѕвонела, но не и кревал слушалка. Ми се јави мене, ми рече да и се јави, ќе вклучи камера. Од позадина кусо видов нешто од што цело време се плашев: таа со детето во рацете на балконот. Викнав немој да направиш глупост те молам. Стојанче прекина, јас се стрчав кон влезот, и во тој момент слушнав силен удар. Ивана беше во крв, продолжив кон влезот по Катја, но ја видов и нејзе. Стојанче не отиде да ги виде се упати кон главната улица. И толку беше…“
По ова, обвинетиот Стојанче викаше во плач дека тргнал да викне Брза помош, на што обвинителката му искоментира дека не ги видел, но сега, на неговото судење ќе ги види на сликите од обдукцијата.
Јавноста не издржа на последните зборови од сведокот, беше погодена од тажниот и суров живот на жртвите. Судијата тогаш даде пауза да се смират сите, а прашуваше обвинетиот, кој во текот на сведочењето фаќаше белешки.
Ноќта пред кобниот ден, Ивана му напишала порака на Саздов: „Те молам не ме оставај многу ми е тешко, не можам да го издржав ова“, тој пораката ја прочитал следниот ден и веднаш заминал кај неа на работа. Слушајќи ги сите сцени низ кои поминувала жртвата, се заклучува безизлезноста во која се наоѓала.
Стојанче ги обвинувал двајцата дека го наместиле за дело поврзано со дрога, па тој се пријавувал во судот.
На средбата меѓу Мартин и Ивана, се појавил и Стојанче, сведокот во обид да ја смири ситуацијата предложил да влезат во автомобилот.
„ Тргнавме кон судот, со колената се качи на совозачкото седиште и ја тепаше со боксови, таа се онесвести“, го опишуваше ѕверството Саздов. Пред судот продолжил да ја тепа, со двете раце наеднаш ја удирал по главата. Жената за цело време била на линија со 192- полицијата дошла и направила разговор со двајцата одвоено. А потоа, им порачала—решете си го проблемот и си заминале. Ивана останала пред судот, а Мартин тргнал со Стојанче да го оддалечи од неа. Полицијата повторно ги запрела по нова пријава за закани. Уплашената жена само молчела со наведната глава, а полицајците и порачале „ ако ни се јавиш уште еднаш, ние ќе те пријавиме за лажно пријавување“.
Тројцата ја земале Катја од училиште и се упатиле кон станот да си подготви ранец со алишта и да замине кај мајка и. Таму, Стојанче и се заканувал „губи се од станот, кога ќе излезам ќе те убијам“.
„Во еден момент го фатив за рака да не ја удри, а Катја ја беше гушнала за ногата и не ја пушташе. Ни рече дајте ми пет минути ќе се подготвам. Ја следев од подотворената врата, во еден момент излезе и ни рече дека ќе спијат. Му предложив ајде да се симнеме нека одморат, а тој цело време хистерично се сомневаше дека ќе му земела нешто од станот.
И се закануваше дека ќе и го земе станот и Катја. Тогаш таа ни се насмевна и му се обрати со зборовите-“ прави што сакаш“, сведочеше Саздов кој заедно со разгневнетиот Стојанче се симнале доле пред зградата.
„Претпоставував дека ќе го стри најстрашното, го предупредив , а тој велеше таа к… не се убива, не умира“.

Две години Мартин Саздов бил сведок за мачниот живот на Ивана. Со Стојанче биле колеги во пожарната и често излегувале во парови. „Не бираше каде ја тепа и навредува“, рече сведокот кој го прекинал пријателството откако Стојанче започнал љубовна врска со негова девојка.
Саздов посведочи кога ги земал двете од автопат пред Штип кога Стојанче ги исфрлил од автомобилот.
„Тука сме позади една банкина се криеме“, сведокот се сеќава дека жената била развлечена, модра и раскубана, а детето му кажало „тато ја удираше мама од рачката, ми покажа со раката“, продолжи тој.
Тоа било пресудно Ивана да замине да живее кај родителите, а љубовта меѓу неа и Мартин била се поголема.
„ Ми кажа : никогаш не ми било вака убаво во животот како што ми е со тебе, се чувствувам смирено. И навистина ни беше убаво, ја шетавме Катја во Зоолошка, во Џамбо. На една прошетка кај Ќерамидница тој не следел и сакаше да се тепа со мене. Му кажав нема што да се лажеме јас ја сакам Ивана. Збеснат со автомобилот се заби во мојот, но не го пријавив сакав мирно да решиме се. Велеше дека Катја му била одбивна и оти ќе прифати развод“, кажа Саздов.
Но, потоа се случил нов пресврт во животот на двете жртви, таткото на Ивана починал, а таа била исклучена од наследството со образложение: „поради Стојанче“.
„Тогаш психички падна се затвори, видела и друга жена на балконот од станот кој беше нејзин, го отплатуваше, но со закани и го зема. Се врати назад и беше страв да не останат на улица. Секогаш и нудев помош, пари за кирија, одбиваше“, вели сведокот.
Едната тужба за развод ја повлекла, за подоцна да покрене уште една постапка кога Стојанче ја тепал со обвинување дека го наместила за дрога. И ги земал и парите што ги заработувала, а жената влегувала со страв во сопствениот дом.
„Секоја вечер кога ќе дојде дома издрогиран ме тепа пред Катја, ми се заканува. Кога се видовме пред 2 март, цела беше модра, ми кажа дека ќе си го врати дарот од станот. За сопственото дете велел „к… мала иста е како мајка и“, кажа Саздов кој на девојчето му купувал тетратки и ранче за во прво одделение.
Детето пред другарчињата кажувало дека таткои ја тепа мајкаи па Ивана одела и на психолошки советувања.
Стојанче дури и се заканувал на Ивана дека ќе објави експлицитни видеа со неа и ќе ја посрамоти. „ Каква слика ќе биде тоа за мене како родител. Многу се грижеше за Катја“, продолжи со ужасите сведокот.
Обвинетиот кој и на вчерашното судење не покажа каење за жртвите кои му беа ќерка и сопруга, го праша Саздов дали му подметнале дрога во автомобилот. „Дали заедно со Ивана правевте план како да се ослободите од мене? – праша Стојанче, а сведокот одговори потврдно. Продолжи да ја преставува Ивана неморална па праша дали „постојано ја присилувал неговата сопруга Ивана да се дрогира и да биде заедно со него“ на што сведокот одговори: Јас никогаш не сум ја присилувал Ивана на такво нешто. Таа ми кажуваше дека Стојанче ја терал да го прави тоа кога доаѓал дома дрогиран и ја тепал. Јас ѝ се лутев зошто прави такво нешто, но таа рече дека мора да биде добра со него за да ѝ го врати станот – рече Саздов и додаде дека со видеа ја уценувал на поданост. „Дека ќе ги покаже на нејзините родители, дека ќе ја прогласат за неморална жена, а од тоа многу се плашеше – рече сведокот.
Во продолжение сведочеше Ивана Белчева која била очевидец на едно од ѕверските тепања во паркот во Ѓорче пред очите на неговото дете. „Ја кренав Катја во раце а таа се припи до мене и не сакаше да ме пушти зашто ја смирував – рече Белчева.
Судењето продолжува утре. (П.А.)












