Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, е новиот кошаркар на Арис, објави грчкиот клуб. Димитријевиќ потпиша двегодишен договор со Арис, а во Солун ќе работи со легендарниот грчки кошаркар Василис Спанулис, кој го презеде тимот ова лето.
„Кошаркарскиот клуб Арис со задоволство објавува дека Ненад Димитријевиќ е нов член на нашиот тим во следните две години. Играчот доаѓа од рускиот Зенит од Санкт Петербург, со кого беше под договор“, се вели во соопштението на грчкиот клуб.
Иако формално беше под договор со Зенит, Димитријевиќ ја помина претходната сезона во дресот на Баерн, каде што во Евролигата имаше просек од 11 поени, 2,3 скока и 4,1 асистенции по натпревар. Со доаѓањето во Арис, македонскиот плејмејкер претставува едно од најголемите засилувања на грчкиот клуб во пресрет на новата сезона, во која Спанулис ќе се обиде да го врати тимот на самиот врв на грчката и европската кошарка.












