Во Центарот за култура во Дебар, денеска (10 јуни), со почеток во 19.00 часот, ќе се одржи мултимедијалниот концерт „Неми слики – жива музика“ единствен музички проект посветен на уметноста на немиот филм. Пред публиката ќе настапи Пламенка Трајковска – гудачки квартет, кој во живо ќе изведува музика синхронизирана со проекција на избрани неми филмови. Концертот претставува ретка можност публиката да го доживее спојот на филмската и музичката уметност, на начин што потсетува на традицијата од почетокот на 20 век, кога музиката изведена во живо била неразделен дел од секоја филмска проекција.

Автор на проектот е Пламенка Трајковска – виолинистка, композитор, членка на Филхармонијата и основач на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Во составот на гудачкиот квартет, покрај Пламенка Трајковска, на виолина настапуваат и: Милена Гиевска Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

На програмата се најпознатите музички теми поврзани со ерата на немиот филм, регтајм композиции, како и авторска музика за нем филм од Пламенка Трајковска, специјално компонирана и аранжирана за гудачки квартет.

Немиот филм претставува едно од најзначајните културни наследства од почетокот на минатиот век, а музиката во него има суштинска драматуршка улога. Изведбата на оригинална и адаптирана музика во живо, во синхронизација со филмската проекција, претставува голем уметнички предизвик и истовремено создава ново и автентично концертно искуство.

Проектот „Неми слики – жива музика“ ја афирмира класичната музика во современ контекст и отвора нови можности за нејзино приближување до различни генерации публика, обединувајќи ги филмската уметност, музичката традиција и современата концертна интерпретација.

Настанот е во организација на Центарот за култура – Дебар, и е поддржан од Министерството за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ