Битола повторно дише во ритамот на народната песна и игра. Со свечена церемонија, дефиле по Широк сокак и со богата културно-уметничка програма, беше отворено 56. издание на републичкиот, но и интернационален фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.
Како и секоја година, најголемо внимание привлече традиционалното фолклорно дефиле. Стотици учесници од Македонија и од повеќе земји во светот продефилираа по битолските улици во раскошни народни носии, носејќи ја убавината на традицијата, песната и играта. Граѓаните и гостите со аплауз ги поздравуваа ансамблите, а Широк сокак уште еднаш се претвори во вистинска сцена на фолклорот.

Свеченото отворање продолжи на платото пред Офицерскиот дом, каде што КУД „Илинден“ од Битола ја изведе „Комитската легенда“ и симболично ги отвори фестивалските вечери. Директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, истакна дека повеќе од половина век „Илинденски денови“ се место каде што живее традицијата, која се пренесува од генерација на генерација преку песната, играта и народното творештво.
Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека Битола веќе две недели живее во духот на фолклорот, културата и на уметноста, додавајќи дека годинашното мото „Точка на поврзување“ најдобро ја отсликува мисијата на фестивалот: да ги зближува народите и културите. Тој посочи дека годинава фестивалот носи најбогата програма досега – вкупно 77 настани, повеќе од 1.300 учесници во претпрограмата и официјалната програма, пет фестивалски вечери и седум концерти на македонски уметници.

Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која истакна дека преку звуците на зурлите, тапаните, кавалите и на гајдите, како и преку препознатливите македонски ора во седумосмински ритам, Битола и Македонија уште еднаш ќе го претстават своето богато културно наследство пред светот.
На годинашното издание ќе настапат 34 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и од Шведска. Со 18. фестивалски дена исполнети со концерти, фолклорни настапи, научни трибини и со едукативни содржини, 56. издание на „Илинденски денови“ е најдолгото во историјата на фестивалот и уште една потврда дека Битола останува еден од најзначајните центри на македонската традиција и на светскиот фолклор.












