Портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, денеска изјави дека Европската унија со загриженост ги следи најавените планови на САД за забрана на извозот на дизел, бидејќи таков потег би можел да има негативни последици за двете страни.
„Во тек се контакти на високо ниво меѓу Европската унија и американската администрација. Очекуваме блиските партнери да се консултираат меѓусебно пред да преземат мерки што влијаат врз заедничките пазари“, рече Гил на прес-конференција, пренесе Ројтерс.
Медиумот „Политико“ објави дека САД подготвуваат 90-дневна забрана за извоз на дизел поради наглиот раст на цените пред изборите на средината на мандатот.
Американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, ги оспори овие тврдења, наведувајќи дека администрацијата разгледува доброволни мерки.












