Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денес на митингот на СНС во Белградската арена дека Србија ќе остане воено неутрална земја и дека нема да нападне никого, но дека мора да биде доволно силна за да одврати секого од потенцијална агресија против неа.
„Нашиот избор е да бидеме слободна, суверена земја, да не бидеме дел од никаков воен пакт, да го чуваме сопственото небо и да ја чуваме сопствената земја, и како такви мора да бидеме доволно силни за да одвратиме секого од потенцијална агресија против нашата земја“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека Србија не е дел од никаков воен сојуз и дека за две или три години ќе се види само како се снаоѓаат оние што се во воени сојузи како НАТО. Српскиот претседател нагласи дека неговата цел е Србија да се развива.
„Не сакам да вратам ниту едно дете во ковчег, на ниту една мајка… Сакам да видам деца во иднина како живеат, планираат за своите деца, планираат за своите внуци, планираат да останат во оваа земја, работат во оваа земја и ја сакаат оваа земја и се горди на својата земја“, нагласи тој. Тој додаде дека за тоа мора да бидат силни и дека ќе бидат уште посилни.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека Србија мора да биде во чекор со светот и да се развива со него и да прифати сè што носи технолошката револуција, и нагласи дека поради оваа причина мора да се зачува она што е најважно во земјата, а тоа се мирот и стабилноста.












