Епидемиолошката состојба во Гостивар постепено се стабилизира, но граѓаните сè уште чекаат официјална потврда за исправноста на водата за пиење. Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека резултатите од анализите на водата ќе бидат објавени до 20 август. Опозицијата ја критикуваше оваа динамика, обвинувајќи дека граѓаните се оставени да чекаат две недели додека не се добијат конечните резултати. Од СДСМ тврдат дека кризата во Гостивар покажала „колапс на системот“, посочувајќи дека над 4.000 граѓани се соочиле со здравствени последици од загадената вода.
Од партијата побараа одговори од надлежните институции, прашувајќи врз основа на кои анализи водата била прогласена за технички исправна и дозволена за користење. СДСМ обвини и дека во меѓувреме граѓаните биле упатени само да ја пуштаат водата од чешмите поради процесот на хиперхлорирање и прочистување на системот.
„ Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов јавно потврди дека во водата има опасна бактерија. Сега истата власт бара граѓаните да чекаат до 20 август за официјалните анализи. Ова е неодговорно и недозволиво. Власта си игра со здравјето и животите на луѓето“, обвинија од СДСМ
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата и ја обвинија СДСМ дека политички ја користи кризата. Од партијата посочија дека проблеми со квалитетот на водата во Гостивар постоеле и во периодот кога СДСМ била на власт, при што, како што тврдат, анализите во повеќе наврати покажувале присуство на колиформни бактерии.
„ Наместо да преземат мерки за да изнајдат решенија и да ги информираат граѓаните, тогашните власти без никаква грижа на совест дека можат да го загрозат здравјето на граѓаните, ги оставија гостиварци да пијат вода која не ги задоволува условите за питка вода“, реагираа од ВМРО ДПМНЕ
Во меѓувреме, продолжуваат контролите на водоводниот систем во Гостивар, а надлежните уверуваат дека безбедноста на водата ќе биде потврдена само по завршувањето на сите лабораториски анализи.












